Донација од Чешка: 108 000 заштитни маски, 18 000 маски тип FFP2/N95 и 5 000 медицински наметки

Преку механизмот за цивилна заштита на Европската унија, нашата држава денеска доби донација од Чешка која се состои од 108 илјади заштитни маски, 18 илјади маски тип FFP2/N95, како и пет илјади медицински наметки.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, кој денеска присуствуваше на настанот на примопредавање на донацијата истакна дека во моментов, чекајќи ги вакцините, фокусот на Владата е обезбедување заштитен материјал за оние во првите борбени редови.

– Нашите пријатели од Чешка излегоа во пресрет на нашето барање што беше поднесено преку механизмот за цивилна заштита на ЕУ. Со оваа помош, Чешка, со обезбедување заштитни маски и медицински наметки, влегува во едно друштво на наши пријатели кои преку овој механизам обезбедија помош. Чешка ни е голем пријател, очигледна е оваа солидарност, рече Димитров додавајќи дека во времето кога маските беа особено во фокус, во првата фаза од битката, добивме милион хируршки маски од Чешка.

– Се заблагодарувам на чешкиот народ и чешката Влада за оваа помош од името на нашата Влада и исто така за тоа што се принципиелни поддржувачи на политиката на проширување, но и јасно стана во декември минатата година и промотори и чувари на ЕУ како заедница на вредности, заклучи Димитров.

На настанот се обрати и чешкиот амбасадор Мирослав Томан кој нагласи дека овој чин е доказ за врската меѓу двете нации.

– По тешките времиња се познаваат пријателите. Се надевам дека заедно ќе се вратиме на нормалниот живот поскоро, рече Томан.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути додаде оти ова е чин на повеќе од пријателство кое се повторува во нашата земја и оти чешката Република се вбројува во вистинските поддржувачи на Република Северна Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот