Домот на Армијата во Тетово ќе биде управна зграда на Музејот на тетовски крај и мултимедијален капацитет

Објектот Дом на АРМ ќе биде управна зграда за Националната установа „Музеј на тетовскиот крај” и мултимедијален капацитет со одлука на Владата. Оваа информација ја објави Даријан Сотировски, директор на Комисијата за односи помеѓу верските заедници и религизони групи, инаку од Тетово, кој го иницирал прашањето пред Владата и Министерството за култура. Веќе неколку години објектот, Дом на Армијата во Тетово не функционира.

– Едно важно прашање за нашиот град Тетово, кое го иницирав пред неколку месеци и на кое работевме, денес е конечно реализирано и се радувам поради тоа. После повеќе децении со одлука на Владата добива своја управна зграда и мултимедијален капацитет, со кој ќе може да понуди многу на градот Тетово. Култниот „Дом на АРМ” во Тетово ќе биде новото седиште на музејот и ќе продолжи да биде средиште на сите случувања во срцето на градот. Изразувам благодарност до Владата и министерот за култура д-р Стефоска за поддршката која ја дадоја изминатиот период, изјави Сотировски.

Досега вработените на Музејот имаа канцеларии во Спомен куќата на народниот херој Ѓоце Стојчевски-Амбарче.

Една од главните цели на Музејот е да ги чува спомените и афирмира вредностите на Народноослободителната борба (НОБ) на македонскиот народ и народностите, да ги осветлува делата на историските великани, да ги чува спомен куќите на семејството Јовановци каде е формирана КПМ и куќата на народниот херој Ѓоце Стојчевски Амбарче, па овозможувањето на услови за работа на истиот е значаен придонес кон негувањето на духот на антифашизмот во градот херој.

Сотировски вели дека со директорот на Музејот, Миќо Стојчевски и истакнати културни работници се разработува визијата како новото седиште по реновирањето да прерасне во витална културна артерија и сретнувалиште на културните работници, ентузијасти, тетовската јавност и младите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот