Доматот не се симнува под 80 денари, пиперките црвенеат од срам

Убедливо рекордна цена деновиве држат зелените производи, па така килограм пиперки стигна и над 100 денари, а за истото количество боранија ќе ви побараат 200 денари. Толку ќе треба да го платите и спанаќот ако го најдете. Една салата се продава за 70 денари, додека цената на килограм индустриска краставица стаса и до 130 денари

Летните горештини го изгореа домашното земјоделско производство, па августовскиот ценовен барометар е „заглавен“ на црвено. Понудата на овошје и зеленчук на зелените пазари и во маркетите е оскудна, а производителите се правдаат дека е речиси невозможно да се набере домат без жолта линија, додека зелената пиперка црвенее од срам додека гори под сонцето.

Затоа и не е чудно што и во август доматот не се симнува под 80 денари за килограм, додека оние среќлии што имаат осојничави ниви, гордо му бараат и над 100 денари за килограм. Убедливо рекордна цена деновиве држат зелените производи, па така килограм зелени пиперки стигна и над 100 денари, а за истото количество боранија ќе ви побараат 200 денари. Толку ќе треба да го платите и спанаќот ако го најдете. Една салата се продава за 70 денари, додека цената на килограм индустриска краставица стаса и до 130 денари! И понудата на бамјата е мала и таа држи цена од 250 денари за килограм, корен целер се продава за 70 денари, додека врзоп млад кромид чини 35 денари. На пазарите стигнаа и првите ајварки и тие се продаваат од 60 до 100 денари во зависност од големината. И цените на овошјето иако се нешто пониски од зеленчукот, сепак ова лето се на ранг на европските. Праските не се симнаа од 50 денари, кајсиите што може да се најдат до пред некој ден чинеа до 80 денари, а во моментот најскапи се малините, кои се продаваат за 100 денари за канче од 200 грама!

Нашите соговорници се согласуваат дека врз цените на овошјето и на зеленчукот што можеме да ги купиме на пазарите, влијаат и временските услови што ова лето се такви што, како што велат, прашање е дали воопшто ќе ги јадеме. Земјоделците велат дека високите температури ги принудиле да го приспособат работното време, па ноќта на нивите се претвора во ден за да се избегнат горештините.

– На нива одам по полноќ. Цел јуни врнеше, а од јули навака сонцето пржи. Изгореа салатите, спанаќот, краставиците. Ги гледате овие жолти траги на доматот, тоа е знак дека е изгорен. Граѓаните се лутат и во право се. Досега летото го минуваа евтино, пиперки, домати, салатичка, сега сè им е скапо. Ние двапати гориме и на нива и тука на пазарот и веќе не се исплати – тврди една продавачка на Зелениот пазар.

Граѓаните и експертите велат дека е тажно што македонските земјоделци веќе не ја хранат државата, а секоја година се увезува храна за најмалку 700 милиони евра. Ако во 2013-2014 година во земјава имаше 100.000 регистрирани земјоделци, сега таа бројка е практично преполовена.

– Доматите и краставиците што порано масовно ги извезувавме, сега наголемо ни доаѓаат од Албанија и од Турција – укажуваат пазарџиите.

Заклучно со ноември 2023 година за увоз на храна и живи животни сме потрошиле речиси 886,8 милиони евра, покажаа податоците на Државниот завод за статистика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот