Домашните миленици детектираат болести: Кучињата може да намирисаат Паркинс, рак, дијабетес…

профимедиа

Научниците докажале дека е доволно кучето да помириса нечии чорапи за да знае дали лицето има маларија.

Луѓето немаат силно чувство за мирис па поседуваат околу пет милиони рецепторски клетки за мириси. Носот на кучето, пак, има 220 милиони рецептори, што му дава неверојатна супермоќ во однос на луѓето.

Направени се многубројни студии за да се докаже дека кучињата можат да намирисаат болести кај луѓето. Ви донесуваме листа на оние болести во кои речиси никогаш не погрешиле.

Маларија

Научниците докажале дека доволно е кучето да помириса нечии чорапи за да знае дали лицето има маларија. По само неколкумесечен тренинг, лабрадорите и ретриверите можеле од огромен број деца да ги издвојат болните.

Рак на простата

Уште во 2015 година едно италијанско истражување открило дека доколку ги тренирате кучињата да почувствуваат одредена хемикалија, тие можат да предвидат рак на простата. Имено, во рамките на овој експеримент дресирани се два германски овчари да намирисаат одредена хемикалија, а кога ги донеле во просторијата со здрави и заболени луѓе, кучињата биле во право во 90 отсто од случаите. Интересно е што кај многу заболени, болеста сѐ уште не била потврдена.

Дијабетес

Кучињата веќе се покажале како одлични детектори на ниското и високото ниво на шеќер (гликоза) во крвта, и тоа само врз основа на намирисувањето на здивот или потта на сопственикот. Хуманитарната фондација „Hипо хондс“ години наназад тренира кучиња да детектираат нарушување на шеќерот во крвта кај своите сопственици така што им ја мирисаат потта или здивот. Животните можат да установат нарушување пред клиничките тестови да го покажат тоа, па можат сопствениците да ги предупредат ако почувствуваат дека со нивниот шеќер нешто не е во ред.

Од мирисот на нашата пот, тие можат да утврдат точно во која состојба се наоѓаме, што им помага на луѓето што страдаат од дијабетес. Особено обучените кучиња можат да им помогнат да го откријат проблемот и пред да пристигнат опасните симптоми, па можат благовремено да ги земат лековите или да побараат помош. Во такви ситуации, кучето ќе покаже знаци на стрес и ќе се обиде да го привлече вниманието на сопственикот.

Паркинсонова болест

Истражувањата на Универзитетот во Манчестер покажале дека кучињата можат да ја претчувствуваат Паркинсонова болест, и тоа дури години однапред, пред да се појават какви било симптоми. Програмата за дресирање на кучињата почнала откако се појавил случај кога една жена со неверојатно чувство за мирис почувствувала промена во мирисот на телото на својот сопруг, и тоа шест години пред да му биде дијагностицирана болеста.

Рак на дојка

Поради карциномот, клетките функционираат поинаку отколку кај здрава личност, забрзано се делат за да овозможат да расте туморот. Оштетените клетки произведуваат специфичен протеин што кучињата можат да го надушкаат. Докажано е дека кучињата можат да намирисаат рак на белите дробови од здивот на нивниот сопственик или рак на простата и на бубрезите од мирисот на урина. Постојат и индикации дека кучињата дури можат да намирисаат промени во клетките на кожата и да откријат меланом (рак на кожа), како и карцином на дебелото црево. Некои од светските клиники користат дури и специјално обучени кучиња што можат да намирисаат рак на дојка во рана фаза.

Епилептичен напад

Кучињата може да откријат дека сопственикот ќе доживее епилептичен напад 45 минути пред да се појави. Иако точниот механизам на откривање не е познат, се претпоставува дека кучето намирисува посебен мирис што човекот го испушта пред нападот. Во овој случај, кучето може да се однесува чудно лаејќи или ’ржејќи. Исто така, кучињата честопати остануваат со своите сопственици за време на нападот, чувајќи ги.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот