Домашните миленичиња не знаат за полициски час

Веќе една недела во Македонија се имплементира полицискиот час, кој трае од 21.00 часот навечер до 05.00 часот наутро, како резултат на вонредната состојба предизвикана од коронавирусот, кој се чини дека допрва зема замав во нашата земја.

Во текот на изминатава недела видовме доста примери на непочитување на оваа мерка, полициските службеници навистина имаа полни раце работа, а ограничувањата на движењето за викенд станува уште построго, со тоа што денеска и утре се забранува излегување од 16.00 часот попладне до 05.00 часот наутро.

Во една ситуација кога во Италија, а сега веќе и во Шпанија умираат речиси 1.000 луѓе дневно, ваквиот потег на властите е и повеќе од оправдан, а многумина дури бараат и дополнително заострување на мерките.

Иако полицискиот час е неопходен во време на оваа пандемија и тука нема дилеми, она за што треба да се дискутира е неговата регулација, посебно кога станува збор за домашните миленичиња и нивните сопственици.

Повеќе од 20 организации за заштита на домашните миленичиња во земјата побараа сопствениците за време на полицискиот час да можат барем на кратко да ги прошетаат своите миленици, со цел тие да ги извршат физиолошките потреби, без никакво групирање и кршење на правилата во вонредната состојба која е на сила.

И додека техничкиот премиер Спасовски рече дека отстапки нема да има, министерот за внатрешни работи Наќе Чулев беше малку поблаг, па истакна дека е можно Владата во наредниот период да ги разгледа овие барања, меѓутоа ситуацијата барем засега останува статус кво.

Во писмото на здруженијата за животни доставено до Владата се бара во оваа ситуација да се постапува како во Србија, Грција и Шпанија, каде сопственикот може да го прошета своето милениче 20 минути на радиус од 200 метри од своето живеалиште.

Самото одолговлекување за да се донесат вакви или слични мерки кога се миленичињата во прашање од страна на нашите власти е апсурд, бидејќи тоа се живи суштества кои не можат да ги контролираат своите потреби.

Со ова индиректно се скратува правото за вршење на физиолошки потреби на милениците, бидејќи нивниот сопственик не смее да излезе надвор.

Во држава каде имаме најмалку 80.000 семејства со домашни миленичиња, едноставно ова е потреба, а не „рекреативна прошетка“, која би ја искористиле сопствениците на миленици за време на полициски час.

Точно е дека сега имаме сериозен проблем и овие строги мерки мора да се почитуваат, меѓутоа, тие мора убаво да се обработат и да се направат одредени отстапки во корист на граѓаните, а во овој случај и во корист на миленичињата, бидејќи тие не знаат за полициски час.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот