Домашните компании ја зголемуваат конкурентноста преку соработка со странските инвестиции

Претседателот на Советот на странски инвеститори, Штефан Питер, порачува дека домашните компании треба да тропнат на вратата на странските инвеститори и да прашаат што треба да направат за нив.

Соработката со странските директни инвестиции во земјава е најлесниот начин домашните компании да ја зголемат конкурентноста. Преку соработката со странските инвеститори може да ја зголемат нивната продуктивност, вредноста и квалитетот на производите и да се здобијат со нови технологии, вештини и искуство, препорачуваат експертите.

Според нив, на македонските мали и средни компании им недостасуваат соодветни сертификати, квалитет, опрема и технологија за поуспешно да се вклучат во синџирот на добавувачи на директните странски инвестиции во земјава, а некаде е проблем и цената на производите што ги нудат и времето на нивната испорака.

Токму подобрувањето на перформансите на македонските компании и унапредувањето на нивната продуктивност за да станат партнери на одредени странски инвестиции во земјава е основната цел на двегодишниот проект „Зголемување на конкурентноста на мали и средни претпријатија со цел подобрување на нивната соработка со странските инвеститори”, финансиран од Европската комисија, чија завршна конференција се одржа во декември 2019 година. Како што беше посочено таму, проектот целел домашните компании да ја подобрат соработката со странските инвеститори и со тоа да ја зголемат нивната продуктивност, вредноста и квалитетот на производите.

Во рамките на проектот првично е направено истражување за барањата на директните странски инвеститори во земјава кон нашите компании во кое предничат елементи поврзани со квалитетот и поседувањето сертификати, а во одредени случаи како пречка за соработка се споменува и цената на производите и времето на испорака. Во рамките на проектот се избрани шест домашни компании од металопреработувачката и автомобилската индустрија со темелна анализа направена според барањата на странските инвеститори што им е потребно и што бараат од своите партнери и добавувачи. Две од шесте компании се во финалната фаза на одобрување, а една е веќе влезена во синџирот на добавувачи.

Домашните и интернационалните компании соработуваат, но не доволно

Домашните и интернационалните компании во земјава соработуваат, но тоа не е доволно. Потребна е поинтензивна соработка, а за тоа се клучни три фактори, и тоа добар квалитет на производот, конкурентна цена и капацитет на производство, покажуваат анализите спроведени од страна на „Фајнанс тинк” и Центарот за управување со промени.

Она што мултинационалните компании го идентификувале како слабост кај домашните добавувачи се недоволниот технолошки капацитет, недоволната имплементација на технички стандарди и производствениот капацитет. Од друга страна, пак, домашните компании сметаат дека странските компании се затворени за соработка и дека нивните политики, кои доаѓаат од нивните централи, честопати се ригидни.

Прочитајте и...  Донаторите ветија 253 милиони евра хуманитарна помош за Либан

Експертите велат дека квалитетен производ, добра цена и навремена испорака се клучните фактори за добра соработка меѓу домашните и мултинационалните компании. Препорачуваат дел од владините мерки да се насочат кон јакнење на капацитетите на домашните компании за технологија и технолошки развој, но и домашните компании да ја развијат свеста дека е потребно да инвестираат во технологија и технички стандарди.

Последниот податок од 2015 година покажува дека само 10 проценти од вкупните обврски на странските компании се кон домашните компании.

Странските инвеститори бараат домашните компании да „тропнат на нивна врата”

Претседателот на Советот на странски инвеститори, Штефан Питер, порачува дека домашните компании треба да тропнат на вратата на странските инвеститори и да прашаат што треба да направат за нив. Само на тој начин, потенцира, ќе можат да влезат во синџирот на нивни добавувачи.

– Домашните компании мораат да чукнат на вратата на странските компании и да прашаат што можат да направат за нив. Не може да очекуваат бизнисот да чукне на нивните врати и да ги праша што може да направи за нив. Малите и средните претпријатија се ‘рбетот на една економија, а странските директни инвестиции се повеќе од „шлагот на тортата” во една држава. Тие се многу важен фактор за развој на стопанството во државата. Не станува збор само за финансиски придобивки, туку и за нефинансиски придобивки, како пренос на знаење и нови технологии. Токму затоа логично е дека треба да се воспостави врска помеѓу домашните претпријатија и странските инвеститори, а една од главните причини за тоа е да се создаде дополнителна вредност на производите, вели Питер.

Потенцира дека во бизнисот ништо не доаѓа без пари, па така, додава, и за ваква соработка мора многу да се работи.

– Секој странски инвеститор во земјава работи со некоја македонска компанија, но тоа е повеќе во придружните бизниси. За странските инвеститори ова не е доволно, бидејќи тие сакаат да ги вклучат во нивните бизниси како добавувачи, потенцира Петер.

Прочитајте и...  Во Подгорица заплена на шверцувани цигари, товарот „тежи“ над милион евра

Фрег Јанмаат, раководител на економскиот оддел на делегацијата на ЕУ во Македонија, смета дека потенцијалот на македонските компании не е доволно искористен.

– Тоа е клучниот предизвик на македонската економија. Македонските компании можат да ја подобрат конкурентноста преку соработка со странски компании. Видовме дека една од главните политики на сегашната и на претходната влада е привлекување на повеќе странските директни инвестиции. Можеме да кажеме дека овие политики на двете влади беа успешни, но врските меѓу домашните и странските компании останаа слаби, вели Јанмаат.

Според него, потребно е да се направат повеќе реформи, во образованието, владеење на правото, како и за подобрување на квалитетот на домашните производи во согласност со меѓународните стандарди. За да се интензивира соработката со странските компании смета дека македонските компании треба да понудат квалитетни и стандардизирани производи, да се намали административниот товар и да продолжат реформите во образованието во насока на продуцирање кадри потребни за стопанството.

За субвенции за приватни претпријатија во 2020 година се предвидени 36 милиони денари

Министерството за економија и во 2020 година ќе продолжи со поддршката на компаниите за зголемување на нивната конкурентност. За таа намена во буџетот се предвидени 36 милиони денари.

Со овие средства, според најавите од Министерството, ќе се субвенционираат трошоци на занаетчии за поддршка и развој на занаетчиството и ќе се кофинансираат проекти за развој и поддршка на малите и средните претпријатија и промоција на претприемништвото.

Покрај тоа, со овие средства е предвидено да се субвенционираат претпријатија во над 50-отстотна сопственост на жени и управувани од жени, како и да се доделува финансиска поддршка за воведување ХАЛАЛ-систем и за реализација на Програмата за заштита на потрошувачите за 2020 година.

Бизнис-климата е иста како во 2018 година за најголем дел компании

Бизнис-климата во земјава е полоша од 2018 година за 38 отсто од компаниите, 36 отсто сметаат дека е иста како минатата година, а само 13 отсто од анкетираните ја оценуваат како подобра. Ова го покажуваат резултатите од четвртата анкета „Годишна проценка на бизнис-опкружувањето” што во 2019 година ја спроведе проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис-регулатива” врз 596 компании во земјава. Анкетата беше спроведена во периодот од 24 октомври до 19 ноември.

Прочитајте и...  Тројца заболени од Ковид-19 во Гевгелија

Сите стопански комори од земјава, преку проектот на УСАИД, секоја година преку анкета кажуваат што им пречи во работењето, а каде има подобрување.

Резултатите од анкетата за 2019 година и од претходните три години, според извршниот директор на Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) Дрилон Исени покажуваат дека и натаму треба да се работи на подобрување на регулативата за даноците, инспекцискиот надзор, јавните набавки, работните односи и борбата со сивата економија.

– Станува збор за најрелевантно домашно истражување на бизнис-опкружувањето кое преку проектот „Партнерство за подобра бизнис-регулатива” го спроведуваме четврта година. Целта е да се согледаат состојбите со законодавството кое го третира приватниот сектор, кои области треба да се подобрат, да се измери задоволството на компаниите од законите што директно влијаат врз нивното работење и приоритетите за реформи за поповолна деловна клима. Резултатите ни даваат насока како подобро да ги претставиме барањата на бизнис-заедницата во формираната комисија за јавно-приватен дијалог со Владата преку нашата платформа, вели Исени, кој е претседавач на Платформата за јавно-приватен дијалог.

Сивата економија е наведена како еден од најголемите проблеми на бизнис-секторот заедно со правната несигурност. Компаниите најмногу се жалат на инсистирањето на инспекциите да се најде нерегуларност иако, според нив, има значително подобрување во однос на 2018 година и од пред три години.

Дури 40 отсто од испитаните компании сметаат дека легислативата против сивата економија е недоволна, а 36 проценти рекле дека е на незадоволително ниво, додека, пак, 23 отсто сметаат дека е на задоволително ниво, што покажува благ пораст во однос на лани.

Компаниите имаат и проблем со недостиг на информации, непрофесионално поведение на инспекторите и нивна недоволна подготвеност, а корупцијата бележи најголем раст. Принципот на опомена пред казна бележи раст како во споредба со 2018 година, така и од 2016 година наваму. Опомена им била изречена на над половина компании, а финансиска глоба платиле 27,6 отсто од нив, што е најмалку во последните четири години.

Најлоши резултати имаше во 2016 година, кога над половина од компаниите сметале дека бизнис-климата е влошена.

Прочитај повеќе

Во куќа во престижен кварт во Париз пронајден труп, таму лежел 30 години

Слободен печат

Трамп се двоуми меѓу две локации за неговата инаугурација за претседателски кандидат на Републиканците

Слободен печат

Авион од Скопје слетал во Финска со 24 патници позитивни на Ковид-19

Слободен печат

Куомо против отворање на училиштата: Може само ако постои паметен план

Слободен печат

И САД загрижени од ситуацијата во Белорусија

Слободен печат

Руски дипломати протерани од Словачка поради шпионажа, Москва не остана должна

Слободен печат

Остави Коментар

Прочитај повеќе

Зибери: Опцијата за 4 смени со 20 минути час ќе биде главен елемент за ширење на вирусот

Слободен печат

САД ја предупредија Србија за ризикот од купување оружје од Кина

Слободен печат

Иран затвори весник кој ја истражуваше вистината за бројот на заразени и мртви од ковид-19

Слободен печат

Противничката на Лукашенко се смета за победничка на изборите во Белорусија: Ќе го докажеме секое кршење на изборните прописи

Слободен печат

Околу 600.000 хотели во светот почнаа да го прифаќаат биткоинот: Може да се резервира и сега

Слободен печат

Во Чикаго масовни грабежи и пукање, над 100 лица уапсени (ВИДЕО)

Слободен печат