Домаќинот на Мундијалот во 2022 година ќе гради хотели на вода за навивачите, а алкохол ќе смее да се пие во посебни зони

Катар ќе биде домаќин на Светското првенство во фудбал 2022 година/ фото: EPA/STR

Организаторот на Светското првенство 2022 година, Катар се надева дека ќе привлече повеќе од 1.2 милиони странски навивачи за време на турнирот и тоа е речиси половина од населението во оваа држава.

– Очекуваме доаѓање на повеќе од 1.2 милиони гледачи од целиот свет за време на Светското првенство кое ќе се одржи од 21 ноември до 18 декември 2022 година. Покрај хотелите кои се достапни, ќе се развијат иновативни и ќе се изградат привремени решенија за навивачите – изјави Фатма ал-Нуаими, директорката на одделот за комуникации на Организацискиот одбор на Мундијалот.

Едно од привремените решенија за навивачите покрај сместувањето на крузери, во приватни куќи и навивачки населби, ќе биде изградбата на 16 хотели на вода со капацитет од 1.600 соби.

Претходно организаторот најави дека смета оти очекува во Катар да пристигнат околу 1.5 милиони посетители во време кога се игра Светското првенство.
Организаторот најави дека мисли и на навивачите кои изразија загриженост поради недостаток на забавни активности во конзервативната муслиманска држава и ќе дозволи продажба и конзумирање на алкохол во посебни навивачки зони.

– Алкохолни пијалоци ќе бидат дозволени во одредени зони – изјави Ал-Нуаими која призна дека алкхолот не е дел од катарската култура.

Но, освен навивачите, голема загриженост има и кај невладините хуманитарни организации за човекови права кои ги обвинуваат катарските власти за лош третман на работниците од Африка и Источна Азија кои работат на изградба на стадионите на кои ќе се играат натпреварите од Светското првенство.

Досега целосно се изградени пет од осум стадиони на кои ќе се играат натпреварите на СП, а речиси завршена е и изградбата и на стадионот Лусаил на кој ќе се игра и големото финале.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот