„Дома си е дома“ со половичен учинок: 55.873 граѓани не ги искористиле ваучерите, околу 17.000 не ги добија поради погрешни имејл-адреси
Вчера беше последниот ден за престојување со ваучер за домашен туризам во некој од домашните хотели или приватни сместувалишта, а Министерството за економија даде отчет за проектот „Дома си е дома“.
Според соопштението на Министерството, вкупно биле изготвени 117.521 ваучери, но испратени на валидни е-адреси биле 100.336, што значи дека 17.185 граѓани не ги добиле ваучерите поради погрешните имејл-адреси што ги имаат доставено во УЈП. Потоа, од оние што ги добиле, искористени се 61.648 ваучери, односно 38.688 ваучери биле „игнорирани“. Ова значи дека вкупниот број неискористени ваучери е 55.873, или речиси од половина од наменетите ваучери и пари не се искористени.
„Хотелиерите што имаат гости што користат ваучери за туризам ќе треба најдоцна до 18.12.2020 година до Министерството за економија да достават фактури за плаќање, по што до крајот на годината ќе им бидат исплатени средствата од искористените ваучери“, информираа од Министерството.
Мерката ваучери за домашен туризам во вредност од 6.000 денари беше дел од Третиот сет економски мерки и тие беа наменети за сите вработени граѓани што оствариле вкупни нето-приходи од плата и надоместоци од плата до 60.000 денари, во периодот од јануари до април 2020 година, според податоците од Управата за јавни приходи.
Ваучерите за туризам се користеа во домашните туристички објекти, кои беа регистрирани на платформата „Дома си е дома“.
Хотелиерите бараат поголема помош од владата, за да не стават трајно клуч на врата