Долгот кон Гадафи вечно го прогонува Саркози

epa08837253 Former French president Nicolas Sarkozy arrives at court for his trial on corruption charges in the so-called 'wiretapping affair' in Paris, France, 23 November 2020. In 2013, Nicolas Sarkozy was using a false name, Paul Bismuth, to make phone calls to call his lawyer, Thierry Herzog, about the decision that the Court of Cassation was about to take regarding the seizure of presidential diaries in a separate case. The trial is due to run from 23 November to 10 December. EPA-EFE/CHRISTOPHE PETIT TESSON

Обвинителите тврдат дека Саркози и адвокатот Ерцог на судијата Азибер му понудиле „престижна работа на Азурниот брег“, во замена за информации за истрагата за случајот на незаконско финансирање на претседателската кампања на Саркози

Во изедначена трка со социјалистката Сеголен Роајал, на Саркози во 2007 година му била неопходна инфузија од пари за кампањата, кои наместо од партиски симпатизери или од банка, ги побарал „под маса“ од либискиот диктатор Муамар Гадафи

Саркози прво мора да ги врати парите што ги зеде од Либија за да ја финансира својата изборна кампања. Му помогнавме, а тој не разочара. Врати ни ги парите!, порача Саиф Гадафи, синот на либискиот лидер

Поразот на изборите не е најголемата трагедија за поранешниот претседател. Неговите главоболки туку што почнуваат. Пред суд треба да се брани од обвинувањата за мешање во истрага и за незаконско финансирање на претседателската кампања со таен прилив на средства од странство. Не, не е Трамп. Барем не засега.

На клупата за обвинети седи Никола Саркози, поранешниот претседател на Француската Република. Му се суди за корупција во врска со аферата со прислушување. Обвинет е заедно со неговиот адвокат Тјери Ерцог дека се обиделе од високиот судија Жилбер Азибер да добијат доверливи информации за истрага за уште потежок случај. Ако биде прогласен за виновен, се соочува со десет години затвор и казна од 1 милион евра.

Судењето, всушност, почна во понеделникот, Саркози се појави на клупата за обвинети заедно со Ерцог, но првата сесија заврши без расправа по само половина час, бидејќи клучниот човек во случајот, судијата Азибер, беше испратен на медицински преглед.

– Господин Саркози де Наѓ-Бокса – прашал судијата, на што обвинетиот одговорил: „Саркози би било доволно“.

Обвинителите тврдат дека Саркози и Ерцог на Азибер му понудиле „престижна работа на Азурниот брег“, во замена за информации за истрагата за случајот на незаконско финансирање на претседателската кампања на Саркози. Оваа афера е позната како „прислушувани разговори“, бидејќи во 2013 и во 2014 година биле прислушувани телефонските разговори на Ерцог и Саркози, кој го користел псевдонимот „Пол Бизмут“.

Саркози ги отфрла обвинувањата и посочува дека Азибер не ја добил позицијата во Монако.

– Жилбер Азибер не доби ништо, а јас не ми пристапив – тврди поранешниот шеф на државата.

Судењето продолжува денеска, а треба да заврши до 10 декември. Во март, пак, ќе му се суди за нелегално финансирање на претседателската кампања во 2012 година и за надминување на ограничените кампањски трошоци, како дел од аферата Бигмалион. Но, тука не завршуваат проблемите на Саркози.

Случај на векот

Во 2021 година Никола Саркози ќе треба да одговара за „обвинението на столетието“ во Франција, доволно сериозно за да се реши (наводно) да подмити судија само за да има увид во истрагата.

Саркози ќе одговара за обвинувањата за незаконско финансирање на кампањата за претседателските избори во 2007 година. Во изедначена трка со социјалистката Сеголен Роајал, на Саркози му била неопходна инфузија од пари за кампањата, кои наместо од партиски симпатизери или од банка ги побарал „под маса“ од либискиот диктатор Муамар Гадафи. Во скандалот како пипала од октопод се испреплетени политички оперативци, тајни банкарски сметки, па и, вообичаено за париски интриги, две слики од раната холандска модерна.

Саркози во 2007 година му укажа неверојатно гостопримство на својот пријател Гадафи, кој при посетата на Париз наместо во хотел се распостели во раскошен бедуински шатор. Со пет авиони од Либија пристигнаа и 400 придружници, вклучувајќи и 30 девици-телохранители, лимузини… дури и сахарска камила. Додека беше во Париз, Гадафи и Саркози постигнаа договор за продажба на француски авиони и оружје на Либија во износ од 14,7 милијарди долари.

Либискиот претседател Муамер Гадафи и Никола Саркози на средба во Триполи, Либија, 25 јули 2007 година/ Фото: EPA-EFE/SABRI ELMHEDWI

Само четири години подоцна, француски авиони ракетираа воени возила на либискиот режим, а Франција беше првата што официјално ги призна бунтовниците. Скандалот беше обелоденет токму откако Гадафи беше брутално убиен по општо востание и меѓународен дипломатски и воен притисок, во кој меѓу „џелатите“ на полковникот и неговиот режим беше и Елисејската палата, со Саркози во неа.

Врати ги парите!

Саиф ал Ислам Гадафи, синот на полковникот, во интервју за „Евроњуз“ остро го нападна Саркози, не само поради воената и политичката акција, туку и поради „долгот“.

– Саркози прво мора да ги врати парите што ги зеде од Либија за да ја финансира својата изборна кампања. Му помогнавме, а тој не разочара. Врати ни ги парите! – порача Саиф.

Француските медиуми тивко го пренесоа ова сериозно обвинување, не знаејќи дали е желба да му се напакости на претседателот на Републиката, бидејќи не беа понудени какви било докази.

Дури во 2012 година, истражувачкото биро Медијапарт објави извештај од независен извор што содржеше детали за тврдењата од семејството Гадафи: Саркози преку тајни канали од Либија примил 50 милиони евра. Цитирајќи ги контроверзниот трговец со оружје Зијад Такиедин и францускиот неврохирург Дидие Гроскоф, кој се грижел за членови на семејството на Гадафи, извештајот тврдеше дека Саркози ја договорил великодушната донација во 2005 година, кога како министер за внатрешни работи ја посетил Либија.

Обвинителите во Париз конечно во 2013 година отворија истрага за тврдењата за финансиски криминал. Само неколку денови подоцна, сатиричниот неделник „Канар еншане“ откри непријавен трансфер на половина милион евра од фирма на малезиски правник до Клод Жант, долгогодишен близок соработник на Саркози. Жант објави дека парите биле за две холандски слики од 17 век, но медиумите го посочија проблемот – сликите биле проценети на 35.000 евра. Трагата на парите водела до банкар поврзан со Башир Салех, касиерот на Гадафи, и до францускиот бизнисмен Александр Џури, за кој се верува дека бил посредник помеѓу Париз и Триполи. Жант во 2015 година беше обвинет за фалсификување документи и за даночна измама.

Нема докази?

Во 2016 година на случајот се надоврза изјавата на Такиедин дека канализирал 5 милиони евра од Абдулах Сенуси, поранешниот шеф на разузнавањето на Гадафи, до Саркози и Жант. Саркози се пожали дека повторно е цел на „неосновани обвинувања“, чија цел е да ја поткопаат неговата предизборна кампања. Како и да е, Саркози не влезе во кампањата, а Такиедин беше обвинет за „влијание со корупција од странски ентитет до владин функционер“.

Во 2018 година Саркози беше повикан на сослушување во врска со обвинувања за „пасивна корупција, проневера и нелегално финансирање на кампања“. Закон од 1988 година забранува какви било странски придонеси за политичките кампањи, а кандидатите се ограничени на предизборни буџети од 22,5 милиони евра. Во 2019 година Саркози се појави пред судии и изјави дека е „целосно невин“ и дека е „жртва на заговор“, но и не одговори на ниту едно прашање.

Пред неполна година, падна уште едно домино. Медијапарт објави дека Тјери Гобер, близок политички сојузник на Саркози, во 2006 година примил 440.000 евра од Либија, преку сметка на Бахамите. Гобер изјави дека парите биле за неговиот бизнис со недвижнини во Колумбија, но француските власти мислеа поинаку и во јануари годинава го обвинија Гобер за „криминална поврзаност“ – обвинение со кое денес се соочува и Саркози.

Весникот „Ле монд“ забележува дека обвинителите се уште немаат „непобитни докази“ за делата што му се товарат на Саркози. Повеќето докази се изјави на луѓе од соборениот либиски режим и од типови како Такиедин со сомнителен кредибилитет.

Специјален третман

„Вашингтон пост“ го нарече случајот „најсериозно обвинување на шеф на држава во историјата на Петтата Република. Поранешните претседатели на Франција имаат истакнат статус, во споредба со шефовите на другите европски држави. Саркози беше избран директно од граѓаните, а по напуштањето на функцијата ужива специјален третман – автоматски добива место во Уставниот суд.

Не само на суд, туку и со обвинителна пресуда (две години условна затворска казна) заврши и поранешниот претседател Жак Ширак во 2011 година, но за дела сторени како градоначалник на Париз – за злоупотреба на јавни фондови и на јавната доверба. Тој не ја призна вината, а поради лошото здравје не се ни појави на клупата за обвинети.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот