„Долг ковид“: Дури 76% од пациентите имале симптоми и шест месеци по инфекцијата со коронавирусот

Истражувањето спроведено на повеќе од 1.700 пациенти со ковид-19 во Вухан покажало дека дури 76 проценти од пациентите страдале од барем еден симптом на болеста дури и шест месеци по инфекцијата. Податоците од студијата беа објавени во медицинското списание „Лансет“.

Авторите на кинеската студија тврдат дека таа е досега далеку најсеопфатната и најдолгорочна студија што го следи долгорочното влијание на ковид-19 врз хоспитализираните пациенти.

Пациенти опфатени со истражувањето биле отпуштени од вуханската болница „Џинјинтан“ во периодот помеѓу јануари и мај минатата година, пишува Си-ен-ен.

Резултатите од студијата откриваат дека 76 проценти, или повеќе од три четвртини од пациентите кои биле следени, рекле дека сè уште чувствуваат одредени симптоми.

Најчесто станувало збор за замор или слабост на мускулите, а овие симптоми и шест месеци по дијагнозата биле пријавени од 63 проценти од учесниците во студијата, додека 26 проценти од нив имале проблеми со спиењето.

Истражувањето покажало дека болеста може да има и долгорочни психолошки компликации. Анксиозност или депресија биле забележани кај 23 проценти од пациентите.

Меѓу другите забележани нарушувања, истражувачите забележале губење на косата, на мирисот, апетитот или вкусот, болки во зглобовите, брзо чукање на срцето, вртоглавица и повраќање.

Лекарите велат дека кај пациенти што преживеале потешка форма на болеста рендгенските снимки покажуваат оштетување на белите дробови.

Долгорочни последици на ковид-19 на здравјето

Со оглед на тоа што ковид-19 е нова болест, дури сега постепено почнуваме да гледаме некои од нејзините долгорочни негативни ефекти врз здравјето на пациентите“, изјави главниот автор на студијата, д-р Бин Цао, од кинеско-јапонската болница на пријателство и Националниот центар за респираторна медицина.

„Нашата анализа укажува дека повеќето пациенти и по напуштањето на болницата продолжуваат да живеат со последици од коронавирусот. Анализата укажува на потреба за подолготрајна нега на пациентите дури и по излегувањето од болницата, особено на оние што преживеале потешка форма на инфекција. Важно е да се спроведат дополнителни студии на пошироката популација, што ќе ни овозможи да го разбереме целиот спектар на ефекти што ги остава ковид-19 врз луѓето“, рече Бин Цао.

Научниците од целиот свет ги проучуваат долгорочните последици од коронавирусот кои ги нарекуваат „долг ковид-19“.

Американскиот Центар за контрола и превенција на болести ги наведува уморот, отежнатото дишење, кашлицата, болката во зглобовите и болката во градите како најчесто пријавени долгорочни симптоми. Други долгорочни последици се тешкотии во размислувањето и концентрацијата – познато како „мозочна магла“ и главоболки и депресија, кои се забележани кај многу пациенти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот