Документарен филм „Сава“: Река што ги поврзува луѓето

Светската премиера на долгометражниот документарен филм „Сава“ (2021), реализиран во копродукција помеѓу „Сава филмс“ (Англија) и „Ортак филмс“ (РСM), се одржа на фестивалот за документарни филмови „Докуфест“ во Призрен, Косово, а македонската премиера ќе се одржи на „МакеДокс“.

Првиот долгометражен документарен филм на режисерот Метју Сомервил од Велика Британија, кој има завршено документарна фотографија на Универзитетот Фалмаут во Лондон, е патувачкиот филм „Сава“. Филмот е снимен на локации низ Словенија, Хрватска, Босна и Србија по течението на реката Сава, која минува околу 990 километри низ земјите на поранешна Југославија.

Фасцинацијата на режисерот поврзана со регионот на поранешните југословенски простори и луѓето што живеат по течението на реката Сава почнала со неговото прво доаѓање на фестивалот „Егзит“, Нови Сад, каде што поминува некое време во разгледување на регионот. Така почнал да ја истражува историјата, политичкиот и социјалниот живот на овие народи. Во 2013 година со автомобил од Лондон до Белград тргнал на патешествие низ градовите и селата по течението на реката.

Метју Сомервил за време на снимањето во реката Сава

– Сакав да покажам како природата е поголема од која било нација, реките ќе течат долго и откако ќе нѐ нема. Реките ги поврзуваат луѓето повеќе од кое било знаме, култура или етничка припадност. Со овој филм сакам да покажам како најдолгата река во некогашна Југославија, сѐ уште, ги поврзува луѓето, иако границите се поместени – посочува Сомервил.

Во Лондон во 2019 година Сомервил се запознал со Македонецот Горјан Атанасов, кој во тоа време бил на постдипломски студии по постпродукција на Универзитетот „МетФилм Скул“, кој освен што е задолжен за монтажа на филмот е и копродуцент. Двајцата одлучуваат да ѝ дадат глас на реката, за да ги поврзат приказните на луѓето што живеат покрај брегот на реката Сава. Во потрага по зрел женски наратор, Сомервил добива контакт со една од најголемите ѕвезди на југословенскиот филм, која успеа да направи и светска кариера во Холивуд, Мира Фурлан, која со големо задоволство ја прифатила понудата за соработка. Со Фурлан успеваат да реализираат две сесии за нахсинхронизација, но во подготовките на третата сесија дознаваат за болеста на актерката.

Метју Сомервил, Мира Фурлан и Горјан Атанасов

– Требаше да ја снимиме со неа последната нахсинхронизација, но не успеавме. За жал, Мира почина. Филмот е посветен во сеќавање на неа и на нашата бесценета соработка со оваа голема уметница – открива режисерот Сомервил.

Режисер и продуцент на документарниот филм „Сава“ е Метју Сомервил, монтажата е на Горјан Атанасов, сниматели се Ден Мекрам и Метју Сомервил. Во филмот реката има глас и во улогата на наратор е актерката Мира Фурлан, а текстот за нарацијата, покрај неа, го потпишуваат и Мекрам и Сомервил. Музиката е на Робин Шлохтермајер. Македонската премиера на филмот е закажана за 23 август во Куршумли-ан, во рамките на фестивалот „МакеДокс“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 93, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 14-15 август 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот