Документарци со врвни музички автори ќе се прикажуваат на „Скопје синема сити 2021“

Фестивалот на музички документарни филмови „Скопје синема сити“ ќе биде отворен на 18 септември со филмови за Олафур Арналдс и Мајлс Дејвис, а ќе биде затворен со филмови за Кејт Буш и Марк Болан.

Седмото издание на „Скопје синема сити“ ќе трае четири дена, 18-19 септември и 21-22 септември, и ќе се одвива во дворот на Кинотека на Македонија. Сите проекции ќе почнуваат во 19 часот, а билетите ќе можат да се набават пред проекциите на филмовите.

Фестивалот ќе биде отворен со уметничкиот филм „Кога ќе се родиме“ во режија на Винсент Мун, за филмскиот композитор Олафур Арналдс, којшто е воедно и „Артист во фокусот“. Истата вечер ќе има проекција и на филмот „Birth of the Cool“ за џез-великанот Мајлс Дејвис, со што ќе се одбележи 30-годишнината од неговата смрт.

Артист во фокусот е композиторот Олафур Арналдс / Фотографија: Ана Меги

На втората фестивалска вечер ќе бидат прикажани филмовите „The Hip“ на режисерот Јане Алтипармаков и „B-Movie: Lust and Sound in West Berlin“ за боемската и декадентна сцена во Западен Берлин. На 21 септември ќе биде прикажан краткиот филм „Angel’s Breath“, односно филм за музичката авантура на Милан Младеновиќ и Суба во Бразил, кој го изнедри истоимениот албум.

Во продолжение ќе биде прикажан филмот за Кирил Џајковски „Современа музика за современа доба“ во продукција на ТВ Војводина. Филмот е портрет на Џајковски и неговите достигнувања во електронската и филмската музика, а осврт е даден и на неговото минато со бендовите „Бастион“ и „Леб и сол“. Филмот досега не бил прикажан во Македонија. Истата вечер ќе бидат прикажани филмовите „Трагачи по звукот“ и „Примал скрим: Изгубените снимки од Мемфис“.

Последната вечер ќе бидат прикажани филмовите „Кејт Буш: Трчајќи по ридот“ и „Марк Болан: Космичкиот танчар“. Фестивалот е во организација на здружението „Номад-Арт Скопје“ во соработка со Кинотека на Македонија, Гете Институтот и фондацијата „Милан Младеновиќ“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 97, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19 септември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот