Докторката што „не е докторка“ има диплома од Медицински факултет

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Родилката која не кажала на ГАК и во Ремедика дека свекор и има коронавирус, има уверение дека дипломирала на Медицинскиот факултет и ја подигнала својата диплома, потврди за „Слободен печат“ деканката на Медицинскиот факултет, доктор Соња Топузовска.

Родилката влегла на државната Гинеколошко акушерска клиника ноќта меѓу 6 и 7 јуни, а на епидемиолошката анкета одговорила дека немала контакт со заболен од коронавирус, иако свекорот бил позитивен на Ковид 19. Поради ова, била сместена да лежи во соба каде што не се третираат пациенти со Ковид, односно, на одделение со уште две родилки. Откако некој од вработените ја препознал и со лични конекции се уверил дека таа во семејството има позитивен на коронавирусот, веднаш била преместена на долниот спрат на Клиниката, во соба за изолација. Меѓутоа, родилката не сакала да биде во изолација, не сакала да се тестира, потпишала на своја одговорност дека ќе ја напушти ГАК и покрај препораките на докторите и заминала во ,,Ремедика” да се породи.

За цело време пациентката, која била без никакви респираторни симптоми, носела маска, а персоналот кој бил во медицинската екипа, бил заштитен со средства за комплетна лична заштита по протокол. Поради медицинска индикација, направен бил царски рез во посебно изолирана сала за таа намена, а целата екипа при тоа била комплетно заштитена. Бебето било ставено во изолација веднаш по породувањето, како дел од стандардна продецура на безбедност која се применува во сите случаи кога се очекува резултат од брис од мајката.

Лекарската комора го осуди неодговорното однесување со кое пациентката ги загрозила здравствените работници, родилките и новороденчињата во двете здравствени установи.

– Однесувањето уште повеќе е неприфатливо доколку навистина се работи за медицинско лице, поради што апелираме до надлежните органи да продолжат со истрагата до целосно расчистување на случајот – велат оттаму.

Сепак, од Лекарската комора тврдат дека пациентката не е впишана во регистарот на лекари и не поседува лиценца за работа, ниту пак била во постапка за стекнување со истата, односно во постапка за полагање на државен испит.

Оваа проверка Лекарската комора ја извршила на барање на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, бидејќи во моментот на престојот во двете здравствени установи, и во ГАК и во Ремедика, таа се претставувала како лекар.

ХАВАРИЈА Лекарка дошла да се породи на ГАК без да пријави дека свекорот има коронавирус!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот