Доктор Татјана Гуржанова: Секој маж по 30-тата година од животот треба да размислува за замрзнување сперма

И во случај кога постојат медицински индикации, доколку мажот се соочува со заболување при кое треба да се отстранат тестисите или да помине хемотерапија или зрачна терапија, треба да замрзне сперма, вели доктор Татјана Гуржанова, специјалист акушер, гинеколог и IVF специјалист

Секој маж што се ближи кон 30-тата година од животот, а сѐ уште не планира да остави потомок, треба да размислува за замрзнување сперма. И во случај кога постојат медицински индикации, доколку мажот се соочува со заболување при кое треба да се отстранат тестисите или да помине хемотерапија или зрачна терапија, треба да замрзне сперма, вели доктор Татјана Гуржанова, специјалист акушер, гинеколог и IVF специјалист.

 

Колку често мажите треба да прават редовен преглед на своето репродуктивно здравје?

– Мажите треба еднаш годишно да си го проверуваат своето севкупно здравје, воедно и репродуктивното здравје.

Што подразбира редовниот преглед на репродуктивното здравје за мажите и низ кои процедури треба да поминат?

– Редовен преглед на репродуктивно здравје е, пред сѐ, секојдневно општа инспекција на урината, болки при уринирање, печење, обраќање внимание на ејакулацијата, желбата, ерекцијата, кои треба пациентот да си ги прави на себе, и при какви било промени да се јави на уролог. Еднаш годишно да оди на преглед кај уролог, за контрола на простата, урина и уринокултура и ако е над 30-годишна возраст, тогаш се препорачува еднаш годишно да се прави спермограм.

Дали исхраната влијае врз машкиот фактор од аспект на фертилност?

– Исхраната директно влијае на репродуктивното машко здравје. Зголемената телесна тежина, зголемениот обем на абдоминална и висцерална маст влијае преку зголемување на инсулинот, како и преку нарушениот метаболизам на тестостерон, врз квалитетот на семениот материјал, а тоа води до појава на машки фактор на стерилитет. Исто така, недоволното внесување витамини, минерални и антиоксиданти, заедно со стресот, загадениот воздух, неправилниот ритам на спиење, јадењето, доведува до зголемена ДНК-фрагментација на сперматозоидите и со тоа до неможност за репродукција.

Дали постојат научни докази за негативното влијание на никотинот врз машкиот репродуктивен фактор?

– Направени се повеќе студии што недвосмислено укажуваат на релација меѓу машкиот стерилитет со зголеменото консумирање цигари, алкохол и кофеин.

Дали е точно дека прекумерниот атлетицизам може негативно да влијае врз способноста за репродукција кај мажите?

– Прекумерниот атлетицизам влијае неповолно на спермограмот заради прекумерниот физички стрес на кој е изложено телото, но исто така често професионалните атлети земаат стероидни анаболни хормони, кои им ја подобруваат атлетската способност, но во исто време преку негативната оска тестостерон – ФСХ и ЛХ- тестиси, доведуваат дури и до престанок на производство на сперматозоиди, па неретко овие спортисти се соочувале со азоспермија, односно со целосно отсуство на сперматозоиди во ејакулатот.

Што ако спермограмот покаже негативен резултат?

– Доколку добиеме подреферентни вредности за нормален спермограм, правиме хормонско иследување на пациентот, земаме опсежна анамнеза за начинот на живот, исхрана, спорт и одмор и потоа со совет за промена на исхраната, одредени суплементи, некогаш интравенска или хормонска терапија, ги враќаме во стабилна општа состојба и подобрен спермограм.

Дали постојат и кои се типовите храна и состојки што влијаат позитивно врз машкото репродуктивно здравје?

– Се препорачува храна богата со протеини, црвено месо, риба, млечни производи, јајца, здрави масти, маслиново масло, јаткасти плодови, авокадо, разнобојно и разновидно овошје и зеленчук со посебна напомена за темелно измивање поради високо ниво на пестициди, совет за нескладирање храна и течности во пластични садови, особено совет за некористење пластични садови за загревање храна во микробранова печка, внимателно користење житарки итн.

Дали мажите што минуваат повеќе часови во возење, се изложени на поголем ризик од нарушување на репродуктивното здравје?

– Да, мажите што поминуваат повеќе часови во седење и во возење се изложени на послаб квалитет на спермограмот, особено поради тератозооспермија – нарушена морфологија на сперматозоидите поради прегревање на тестисите. Се препорачува носење килоти што имаат слободни долни рабови, без ластик, како и редовно на 45 минути застанување да се раздвижат за да се подобри циркулацијата на крв, но и циркулацијата на воздух во препоните.

Кој треба да замрзне сперма?

– Секој маж што се ближи кон 30-тата година од животот, а сѐ уште не планира да остави потомок, треба да размислува за замрзнување сперма. И во случај кога постојат медицински индикации, доколку мажот се соочува со заболување при кое треба да се отстранат тестисите или да помине хемотерапија или зрачна терапија, треба да замрзне сперма.

Којa e Вашата препорака до мажите?

– Препораката е да зборуваат отворено за здравствените проблеми, за промените што ги доживуваат и на сексуално и на здравствено поле. Да не се двоумат да побараат лекарска помош при некаков проблем, колку побрзо толку подобар третман ќе се овозможи, редовен годишен преглед на уролог со сите потребни лабораториски испитувања, редовен дневно-ноќен ритам на живот со умерена разновидна храна, умерен спорт, одржување нормална телесна тежина и да се трудат да бидат секогаш опкружени со ведри луѓе.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот