Доктор Слаѓана Ристовска, специјалист педијатар: Фебрилно дете – родителите не смеат да даваат антибиотици на своја рака

Една од најчестите состојби за посета на лекар е појавата на зголемена температура односно фебрилната состојба кај малото дете. Зголемената температура многупати дури и кај најискусните лекари знае да доведе до многу дилеми околу причината за појавата на оваа состојба и за лекувањето. Ова најчесто се случува кога се работи за новороденчиња и доенчиња во првите месеци од животот, затоа и појавата на зголемена температура кај секое новородено и доенче до тримесечна возраст бара сериозен пристап во поставувањето на дијагнозата, потоа и во самиот третман. За зголемена температура зборуваме кога имаме измерено аксиларна температура над 37,8 степени Целзиусови (под пазува), односно над 38 степени ректално односно во чмарот.

Нормалната температура се движи од 36,1 до 37 степени Целзиусови, висока фебрилна состојба е кога имаме температура од 39 степени, а во случај на температура од 41 степен станува збор за хиперпирексија.

Центарот за регулација на температурата се наоѓа во мозокот (во предниот дел на хипоталамусот) и има улога за регулирање и одржување на температура во нормални вредности. Кај малите деца центарот за терморегулација е недоволно зрел и многу лесно може да дојде до прегревање, кое најчесто се случува со претоплување од многу облека, висока температура во собата, капење во потопла вода и сл. Телесната температура е варијабилна во текот на денот, најниска во раните утрински часови и највисока во попладневните часови. Температурата се зголемува и по физички напор и може да биде за 2 степена зголемена. Токму поради тоа, најдобро е температурата да се мери 2-3 пати на ден, најдобро пред јадење, кај децата аксиларно (под пазува), кај малите доенчиња доколку немаат течна столица може и ректално. Постојат и термометри со кои се мери температура и во надворешниот ушен канал.

Температурата не претставува болест, тоа е само еден знак, симптом или аларм што укажува за некое збиднување во организмот, кое треба да се дијагностицира и да се лекува доколку е потребно. Со самиот третман на заболувањето и неговото лекување се нормализира и температурата.

Најчеста причина за фебрилноста се појавата на вирусни и бактериски инфекции. Горнореспираторните инфекции, односно воспалението на ждрелото, крајниците, гнојната ангина, воспалението на уво, синуситисите се проследени со појава на зголемена температура. Исто така, инфекциите на долниот респираторен тракт, бронхопневмониите покрај останатата симптоматологија се проследени со појава на високи фебрилни состојби.

Зголемената температура е чест симптом и кај уринарните инфекции, инфекциите од гастроинтестиналниот систем, невролошки збиднувања, малигнитет и сл. Сето ова укажува дека секоја фебрилна состојба без разлика дали се работи за обична настинка, вироза и слично, бара добро земена анамнеза и физикален преглед и низа лабораториски иследувања доколку се потребни. Новороденото и доенчињата до тримесечна возраст како ризична група бараат сериозен пристап во поставувањето дијагноза при појава на фебрилност, бидејќи многупати знае да се крие сериозна бактериска инфекција, сепса, менингитис и сл. Секој податок за зголемена температура кај оваа група бара лекарски преглед, понекогаш може зголемена температура да биде само како резултат на прегреаност на малото бебе, при што со расоблекување, разладување на собата до 20 степени, разладување на телото и доење, се нормализира состојбата. Сите други состојби на зголемена температура кај новороденото, со придружни симптоми на одбивање да јаде односно да цица, сонливо, тешко се буди, појава на повраќање, бледило или, пак, периакрилна цијаноза, со помодрување на рацете и нозете на детето, како и устата, бара болнички третман и лекување, каде што преку низа анализи ќе се открие причината односно заболувањето кое лежи зад појавата на оваа температура.

Кај поголемите деца најчесто појавата на настинки, или, пак, вирусни и бактериски инфекции се крие причината за појава на температурата и во зависност од самата причина следува и третманот, односно лекувањето. Фебрилните состојби бараат исто така навремено реагирање кај децата со хронични заболувања на срцето, невролошки заболувања, како и појава на претходни епизоди на фебрилни конвулзии, бидејќи може да доведат до влошување на состојбата.

Лекувањето на зголемената температура е со давање антипиретици кои делуваат само на нормализирање на температурата, но не и на лекувањето на причината за нејзиното појавување. Намалувањето на температура е со парацетамолски препарати во доза од 10-15 мг на кг/тт, давањето ибубруфенски препарати не се препорачуваат за деца под шест месеци.

Многу голема улога во третманот на фебрилните состојби има хидратацијата, давањето течности, како и диетата. Нормално е детето да биде со намален апетит и не мора по секоја цена да се присилува да јаде, храната нека биде лесна, богата со јаглехидрати, течности на уста кои ќе спречат да не дојде до дехидратација. Облеката треба да биде лесна, не го облекувајте и не го прегревајте вашето дете, потребно е ослободување на температурата преку кожата. Физичката активност доведува до зголемување на телесната температура, поради тоа е потребно мирување. Разладувањето на телото е пожелно со млака вода, фрикцијата со облоги, исто така, доведува до разладување на телото и намалување на температурата. Се препорачува најдобро да се применува половина час по давањето на антипиретикот. Доколку се работи за мало дете – особено кај доенчињата, не се препорачува разладувања со алкохол поради неговата апсорпција преку кожичката и испарувањето. Разладувањето треба да трае неколку минути.

Давањето на антибиотици на своја рака од страна на родителот строго се забранува, бидејќи зголемената температура не се лекува со антибиотици, антипиретикот е лек на избор, и тоа при зголемена температура над 38,2 степени Целзиусови, со цел да ја намали температура. По направениот лекарски преглед и утврдувањето на причината, ќе следува понатамошниот третман на состојбата што довела до зголемување на телесната температура.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот