Доктор Митко Крџев: Имаме луѓе што изгубија членови од семејството од ковид, но уште зборуваат дека ковид не постои!

Д-р Митко Крчев, Фото: МИА

Состојбата со омикрон варијантата на коронавирусот во земјава е алармантна. Во сите болници во внатрешноста, според информациите што „Слободен печат“ ги доби од директорите на здравствените установи, бројот на дневни прегледи и хоспитализации расте.

Како резултат на напливот на новозаразени во Гевгелија, каде што има 300 активни случаи, во функција повторно е ставена и модуларната болница. Досега оваа модуларна болница се користеше само за прегледи, меѓутоа после новогодишните празници нагло почнал да расте бројот на луѓе кои завршиле на болничко лекување. Директорот на болницата, доктор Митко Крџев, за „Слободен печат“ вели дека вистинската бројка е далеку повисока од регистрираните 300 случаи, затоа што има граѓани кои се тестираат само со брз тест од аптека и не влегуваат во системот на Институтот за јавно здравје, а има и такви кои воопшто не се тестираат.

-Како резултат на новата состојба, во еден ден имавме 90 прегледи во модуларната болница. На невропсихијатриското одделение хоспитализирани се 12 пациенти и сите се на кислородна поддршка. Моравме да го отвориме и хоспиталниот дел од модуларната болница, каде веќе се исполнети 10 легла и останаа уште пет. После тоа нема каде да ги праќаме пациентите, ние во Гевгелија немаме ни инфективно оддделние. Во другите болници, како на пример, ГОБ „8 Септември“ исто така има наплив, така што ни останува да ги лекуваме тука. После новогодишните празници почна напливот поради собирите и колективното славење. Имаме непочитување на мерките, преполни кафеани, дискотеки. Меѓу хоспитализираните имаме и млади, како на пример, 39-годишна жена во тешка состојба која е невакцинирана. Повеќе од 80 проценти од хоспитализираните се невакцинирани и поголемиот дел од возрасните се со коморбидитети, вели доктор Крџев за „Слободен печат“.

Тој додава дека фактот што медицинскиот персонал е преангажиран доведува до синдром на согорување и замор кај медицинските лица. Дел од нив исто така заболуваат од коронавирусот и тоа ја отежнува можноста за ротации.

-Антиваксери има секаде, за жал и меѓу медицинските лица што дава посебна тежина на тој проблем. Вистина е дека се малкумина меѓутоа, ги има и меѓу лекарите. Загрижувачки е тоа што имаме семејства кои загубија и по еден, двајца членови од фамилијата и уште тврдат дека ковид не постои. Со тоа не знам како ќе се справиме, додава доктор Крџев.

Притисокот за амбулантски прегледи и болнички хоспитализации расте и во другите градови од внатрешноста. Директорот на штипската болница доктор Ален Георгиев вели дека има 52 хоспитализации во болницата со 100 амбулантски прегледи во еден ден. Засега во Штип не е отворена модуларната болница, но не се исклучува таа можност зависно од идните состојби, вели директорот на штипската болница.

Директорката на битолската болница доктор Билјана Гагачовска за „Слободен печат“ вели дека модуларната болница во овој град не се користи за хоспитализации, туку за амбулантски прегледи, а нивниот број расте. За еден ден имало 157 прегледи, а хоспитализирани во Битола се 25 лежечки пациенти и 33 се во дневната болница.

-Најмладата хоспитализирана пациентка има 19 години и е со коморбидитети, не е вакцинирана и е на кислородна поддршка. Меѓу хоспитализираните доминираат возрасни со коморбидитети, вели доктор Гагачовска за Слободен печат.

Во Општата Болница Велес, оваа недела нагло пораснал бројот на амбулантски прегледи. Модуларната болница уште не е отворена, но само вчера имало 10 хоспитализации. На инфективниот оддел хоспитализирани се 40 пациенти со ковид за кои не се знае дали боледуваат од алфа, делта или омикрон варијантата на коронавирусот. Една од пациентките е на 37-годишна возраст со пневмонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот