Доктор Илчо Ефкоски: Треба да сме свесни дека омикрон не е крајот на пандемијата

коронавирус-скопје-болница-ковид-19-миа11
Коронавирус/ Скопје/болница/ковид-19/ Фото: МИА

Омикрон е во опаѓање, што дава надеж за ослободување од рекордниот бран на инфекции, но како што почнува да се релаксира бранот, прашањето кое се наметнува е што ќе се случува со пандемијата. Доктор Илчо Ефкоски вели дека поради опуштеното однесување можеби ќе добиеме и втор пик на бранот, но не мора и да значи. Според него, поголемиот дел сепак ќе поминат со симптоми на лесна настинка дури и ако вторпат се заразат во овој бран.

Децата генерално помалку развиваат тешки форми, па тоа дава надеж дека може и да се избегне поголемо оптоварување на здравствениот систем до крајот на март. Проблемот може да ни се јави во грижата за заболените или изолираните деца, поради што дополнително ќе се намали работната сила, нешто кое треба особено да се следи во групата на есенцијални работници (здравство, полиција, војска, пожарна ..). Но, како што напливот ќе опаѓа, општеството веројатно ќе добие и слободно време од вирусот, особено кога ќе ладниот период и луѓето повеќе време ќе поминуваат надвор на отворено. Затишјето кое беше најавено и од СЗО ни нуди можност да се подготвиме за потенцијалниот следен бран, користејќи ги научените лекции и од омикронскиот бран, вели тој.

Докторот предупредува дека омикрон не е крајот на пандемијата.

Треба да сме свесни. Омикрон не е крајот. Овој вирус се уште е тука и мутира. Тоа значи дека ќе се врати штом се прошири нова доминантна варијанта која може да го избегне создадениот колективен имунитет. Ова може да не врати на почетокот, доколку не промениме услови за живот и работа со време посочува д-р Ефкоски.

Она што можеме да научиме од неколкуте ковид бранови во земјава и светот, додава тој, се евидентните податоци од омикрон бранот кои покажуваат дека луѓето кои примиле бустер доза биле одлично заштитени од тешки форми на ковид-19 и хоспитализација.

Затишјето ни обезбедува важен прозорец за процесот на вакцинација, дозволувајќи им на луѓето кои се во ризични ковид категории навреме да ги завршат имунизациите пред следниот бран. Треба да имаме предвид дека за тоа се потребни доволно денови, посочува доктор Ефкоски и потсетува дека омикрон зарази дури и луѓе кои беа третпат вакцинирани, па носењето маски стана најважната мерка за заштита.

Според него, соодветната маска е најдобрата лична заштитна мерка и досега се покажа многу пати дека маската превенира да се заразиме со САРС-КоВ-2, а воедно и од други вируси и бактерии.

Тоа не го нуди ниту една моментална вакцина, ниту првото, во ниеден случај за второто. Но, штом ја спуштиме, ние сме ранливи. Тоа мора да се знае. Доколку продолжи надолниот тренд, маските за поголемиот дел на граѓаните треба да се незадолжителни дури и во затворените простории. Доколку пристигне нова варијанта, маските треба веднаш да се вратат како задолжителна мерка за заштита. Имаме потреба од нови педијатриски оддели, знаеме дека децата се следните на удар, тие се најголемата неимунизирана популација во земјава. Потребни се нови инфективни капацитети, како не би биле одново зафатени другите клиники и болнички одделениа. Унапредување на модуларните инфективни единици.. Ова се доста битни моменти за да се игнорираат и одложуваат, предупредува тој.

Меѓу мерките што треба да се преземат во иднина тој ги наведува зајакнувањето на системите за акутна и пост акутна нега, зголемувањето на пристапот до ПЦР тестирања и брзи тестови, решавањето на кризата со недостигот на работници во здравствената заштита, инвестициите во јавното здравство и матичните лекари и подобрувањето на квалитетот на воздухот.

– За разлика од минатото, кога не знаевме што ни носи иднината и не верувавме колку лошо може да биде едно вирусно заболување за општеството, ние денес сме во друга позиција. Можеби одново не знаеме каква ќе биде иднината, но секако знаеме колку може таа да биде лоша лекција за сите ако не фати неподготвени. Со САРС-КоВ-2, мислам ја научивме лекцијата за негативната страна на слабата превенција, лошата одбрана, немањето здравствена едукација, неактивноста на оние кои имаат познавања, заспаноста на општеството. Не смееме во следните бранови одново на средина да се активираме и да глумиме загриженост. Добро би било да се формира надпартиски дополнителен ТИМ за борба против Ковид-19, на кој ќе му се овозможат сите ресурси за справување со пандемијата и враќање на довербата кај луѓето во системот. Заедно може да успееме во оваа борба, смета доктор Илчо Ефкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот