Доктор Александар Стојанов: Порано или подоцна, сите ќе дојдеме во контакт со вирусот, и вакцинирани и невакцинирани

Д-р Александар Стојанов, Фото: Архива

Долгогодишниот епидемиолог и екс директор на Центарот за јавно здравје Скопје, доктор Александар Стојанов, за „Слободен печат“ вели дека порано или подоцна сите граѓани, и вакцинираните и невакцинираните, ќе дојдат во контакт со коронавирусот, но за вакцинираните симптомите ќе бидат поблаги и полесно ќе поминат, за разлика од невакцинираните.

-Тие што се паметни тоа го одложуваат со примањето вакцина, но како општество не учиме ни на своите, ни на туѓите грешки. Вака како што сме тргнати, пандемијата ќе трае уште најмалку една година бидејќи младите не сакаат да се вакцинираат и тоа од бизарни причини. Се што не треба да се прифаќа како скепса се прифаќа за вакцините, а се што е научен факт се отфрла. Не ми е јасно зошто, но најверојатно поради општата недоверба во нашето општество. Да се потсетиме на проблемот кој го имаше една Индија. Таму луѓето умираа по улиците од ковид, а сега преку милијарда вакцини се аплицирани во Индија. Немаат смртни случаи, а болниците во Индија не се празни, но се во состојба да ги примаат пациентите и да функционираат. Не знам дали полицајци со стапови го решија проблемот таму, но во земјите каде што се успеа да се крене нивото на вакцинација, проблеми со ковидот или нема или се далеку помали. Данска има 87 проценти вакцинирани граѓани, Кина исто така има огромен процент затоа што граѓаните се дисциплинирани и не се своеволни, вели доктор Стојанов.

Тој ја анализира епидемиолошката состојба во регионот и вели дека во Бугарија, Србија и Романија повторно има голем број на новозаразени со ковид зашто не секаде граѓаните сакаат да се вакцинираат, особено не во руралните средини.

Запрашан како да се крене нивото на вакцинален опфат, доктор Стојанов нема конкретни решенија.

-Бајден издаде наредба сите компании со над 100 вработени да се вакцинираат, па врховниот суд на САД му ја поништи одлуката. И ние на почетокот, кога во Комисијата за заразни болести дадовме мерка старите и младите да не излегуваат од дома во ист временски период од денот, туку во различен, и нам Уставниот суд ни ја поништи таа одлука, била спротивна на човековите права. Секогаш излегуваат проблеми. Но знам со сигурност дека во сите земји од светот каде што има висок опфат на вакцинација, ковид не е толку голем проблем, целото решение е во вакцината, вели доктор Стојанов за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот