Доктор Адела Стефанија: Што треба да знаете ако планирате да забремените на повозрасни години

Фото: Приватна архива/ Профимедиа

Мајчинство ­ чин кој го менува животот, видогледот, демографијата, цивилизацијата. Секоја мајка носи на свет, расте на овој свет и му остава на овој свет еден нов свет полн со можности и искушенија, му дава дете со таленти, со доблести и слабости, му дава мал, но битен сегмент во димензијата на човештвото.

Но, да се стане мајка има пат кој треба да се изоди. Од одлука да се стане родител, износување на бременоста, до донесување на жив и здрав пород, вели доктор Адела Стефанија спец. гинеколог-акушер во Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство.

Кои фактори влијаат за една жена да се оствари во улогата на мајка?

Можноста да се реализирате како мајка зависи од повеќе фактори – од одлуката, емотивната зрелост, здравствената состојба на мајката, како и од факторите кои можат да влијааат на таа одлука, како што е возраста.
Современиот начин на живеење наметнува едно сосема поинакво темпо и дисциплина кај младата популација, која поради кариерниот развој или, пак, поради палетата на други можности што им ја нуди животот, женската популација свесно се одлучува за реализација на полето на мајчинство подоцна, за разлика од одлуките кои жените ги носеле во изминатите децении.

Одлуката да се стане родител на повозрасни години, освен медицински, станува сѐ повеќе социолошки феномен на денешницата.

Како возраста влијае на плодноста, односно на зачнувањето?

Возраста е сериозен фактор, кој ви ја дава или намалува можноста да се реализирате како родител.
30 отсто од жените на возраст од 40 до 44 години ќе имаат поголеми шанси да доживеат неплодност.
За жени на возраст од 15 до 34 години, 7 до 9 отсто ќе имаат проблеми со неплодност, а жените на возраст од 35 до 39 години имаат неплодност од 25 отсто со текот на времето.

Да се биде бремена по 40-тата година е можно без третман за плодност, но шансите да имате проблем со зачнување се поголеми. Друг фактор кој работи против жените во нивните 40-ти години кои сакаат да забременат е повисоката стапка на абортус.

Околу 34 отсто од бременостите завршуваат со спонтан абортус кај жените на возраст од 40 до 44 години, а 53 отсто од бременостите завршуваат со спонтан абортус кај жените по 45 години.

Се разбира, може да се обидете да го погледнете ова од другата страна – иако 34 отсто од бременостите завршуваат со спонтан абортус кај жените во раните 40-ти години, поголемиот дел од бременостите се успешни.

Доколку имате работа како олеснителна околност, доколку имате стабилна емотивна врска, па дури ниту сето од набројаното, но силно сте решени да се реализирате како родител во животот, не чекајте, не одложувајте.

Доколку, сепак, сте на возраст над 40 години, постојат работи што можете да ги направите за да ги зголемите шансите за зачнување, дури и по 40-тата година. Ништо не е сигурно – но што и да направите за да ги зголемите шансите, вреди да се обидете.

Кога е потребно да се посети лекар, гинеколог?

Ако по шест месеци не остварите бременост, време е за акција.

Искрено, можеби најразумно е веднаш да го посетите вашиот лекар и да побарате некои основни тестирања за плодноста.

Матичниот гинеколог ќе ви препорача испитување на хормоналниот статус како прв тест што треба да го направите и кој е едноставен со земање на крв. Вашиот лекар може исто така да препорача ултразвучна фоликулометрија како и микробиолошки брисеви и ПАП- тест. Овие тестови ќе ви ја дадат првата слика за вашиот ризик за неплодност.

Како што напоменавме, третманите за плодноста се помалку успешни по 40-тите години, па така стапките на успех во третманот со интраутерина инсеминација се ниски и успехот со нив е околу 5 отсто.
Третманот со ИВФ има подобри стапки на успех – 15 отсто по циклус, што секако е понизок за разлика отколку кај помладите жени. И оваа стапка секако брзо опаѓа како што поминуваат и годините.
За некои жени, донацијата на јајце-клетка ќе им даде најдобри шанси за успех по 40-тата година. Стапките на успех за ИВФ со донација на јајце-клетка имаат 39,1 отсто успех по трет циклус.

Фокусот тука е првенствено на забременувањето по 40-тата година, но исто така е важно да се разгледа она што бременоста по 40-тата година од животот значи.

Ризици и предности

Според Американскиот колеџ за акушери и гинеколози, ризикот од некои компликации при бременост и раѓање се зголемува со возраста.

По 35-тата година од животот (не само на 40 години), жените се изложени на зголемен ризик од:

– Висок крвен притисок
– Прееклампсија
– Гестациски дијабетес
– Предвремено раѓање
– Недоволно развиен плод согласно гестациската недела
– Почесто завршување на раѓањето со царски рез и др.

Сето ова се однесува и за машкиот партнер, кој е на 40-годишна возраст или постар. И кај мажите опаѓа репродуктивната способност. Во ваквите случаи поголема е можноста од појава од хромозомопатија.

Во дијагностиката на машкиот фактор на стерилитет потребно е да се направат дополнителни иследувања како што се спермограм, спермокултура.

Бебињата зачнати од жени по 40-годишна возраст исто така се изложени на поголем ризик од некои вродени нарушувања, за што е потребно да се преземат дополнителни иследувања како што се хорионбиопсија, пренатален тест, амниоцинтеза.

Освен сите елементи на загриженост што се јавуваат поради возраста, секако постојат и предности за жените кои остануваат бремени подоцна во својот живот. Имено, телото на жената се регенерира под влијание на хормоните поврзани со бременоста, се намалува ризикот од кардиоваскуларни заболувања и остеопороза. Во принцип, жените кои се решаваат подоцна да се реализираат како мајки имаат и повеќе време да му посветат на новороденото. Зрелоста и стекнатото животно искуство секако влијае на поведението, растот и развојот, како и однесувањето на децата.

За крај еден совет: Идни мајки, особено тие повозрасните, кои оваа подоцнежна одлука сте решиле на дело да ја реализирате, немојте да го занемарите фактот од почести контроли и при првата појава на некои промени, да се посвети поголемо внимание. Во вашата бременост потребни се почести лабораториски испитувања, проверка на гликемијата, почесто мерење на крвниот притисок, внимавање на телесната тежина, како и сите други дополнителни причини што можат да ве доведат во ризик доколку освен бременоста ги имате како коморбидитети. Слушајте ги советите на докторите, читајте, но проверете ја релевантноста на изворот на информации и уживајте во возбудливото доживување кое мајчинството го носи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот