Доколку играме како со Бугарите, Финска сигурно ќе падне!

Фото: cev.eu

Оптимистички тонови од Никола Ѓорѓиев, капитенот на најдобрата машка одбојкарска репрезентација пред настапот на дебитантското Европско првенство кое што за нас ќе стартува во Љубљана (Словенија).

Селекторот Никола Матијашевиќ ги одреди одбојкарите коишто ќе патуваат во Љубљана и ќе го носат дресот на нашата селекција на ЕП. Очекувано, Лука Костиќ и Марко Јуниор Стошиќ нема да бидат во составот од 14 играчи коишто од 12-17 септември во арената „Стожице“ ќе играат во групата „Ц“ со Финска, Турција, Русија, Белорусија и Словенија.

Составот на македонската репрезентација: Дарко Ангеловски, Ѓорѓи Ѓорѓиев, Ристо Николов, Никола Ѓорѓиев, Владо Милев, Славе Наков, Александар Љафтов, Александар Милков, Филип Деспотовски, Филип Николовски, Иван Андонов, Филип Маџунков, Стојан Илиев, Васе Михајлов.

Но, пред натпреварите со историска димензија за македонската одбојка, нашите репрезентативци се обидуваат да ја кренат формата на уште повисоко ниво во однос на натпреварот со Бугарија во Скопје, во којшто го совладаа реномираниот противник со 3:0.

– Со изданието против Бугарија, играчите ме убедија дека можеме да играме на Европското првенство, а пред тоа, искрено, не верував дека ќе биде добро. Но, доколку играме како со Бугарите, Финска сигурно ќе падне. Игравме зрело, не правевме глупави грешки, со Бугарија ниту една топка не падна на терен, постојано ја допиравме, се боревме. Ги поправивме ситните работи во споредба со пријателските со Шведска, лошо кренати топки, лоша втора топка и лоша комуникација во игра. Она што ме загрижува е здравјето. Но, доколку сме здрави, мислам дека ќе ја победиме Финска – се зборовите на капитенот, Никола Ѓорѓиев.

Македонските одбојкари уште овие два дена ќе тренираат во Скопје, а потоа ќе отпатуваат за Сент Полтен каде што в петок и в сабота ќе одиграат два контролни меча со Австрија. Првиот дуел со Финците ќе го играме на 12 септември со почеток од 17.30 часот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот