Договор нема и не мора, закон мора и ќе има!?

Министерство за Правда/ Фото: Влада на СРМ

Работните групи на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, кои вчера преговараа за законот за јавно обвинителство, не постигнаа никаков напредок. Но, сепак, пропаѓањето на преговорите не значи дека ќе нема нов закон за јавно обвинителство. Денеска на дневен ред во Собранието на гласање е ставен токму овој предлог-закон, а за негово усвојување е потребно двотретинско мнозинство, односно најмалку 80 пратенички гласови. Политичките аналитичари сметаат дека ваквото сценарио е политички изводливо, а светлост во целата таа темнина дава и изјавата на министерката за правда Рената Дескоска дека и покрај пропаѓањето на преговорите меѓу работните групи, сепак можно е да биде постигнат компромис меѓу политичките партии.

Како што истакна Дескоска веднаш по завршувањето на вчерашната средба, клучните и непремостливи разлики помеѓу власта и опозицијата се предметите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Власта смета дека тие предмети треба да продолжат, додека опозицијата бара да прекинат во моментот кога на СЈО му истече рокот за поднесување обвиненија.

– Нашиот предлог е тие предмети да бидат трансферирани и да продолжат од точката до која се стасани во СЈО, да нема одолговлекување и застој во постапките. Забелешките што ги има ВМРО-ДПМНЕ порачавме да ги преточи во амaндмани. Законот влегува во собраниска процедура, амандманите треба да бидат поднесени до четврток. Се надевам дека сите политички партии ќе смогнат сили да водат сметка за иднината на нашата држава на патот на евроинтеграциите и дека ќе се донесе овој закон – истакна Дескоска.

Пратеникот Антонијо Милошоски, пак, кој ја предводи работната група на ВМРО-ДПМНЕ во преговорите за законот за јавното обвинителство, очекува дијалогот да продолжи, но не открива каков ќе биде ставот на партијата.

– Има волја кај двете страни да продолжи дијалогот за законот за обвинителство за да ги приближиме ставовите и да ги доставиме во заеднички предлог-текст или преку амандман на текстот на законот, кој е усогласен сега меѓу СДСМ и ДУИ – изјави пратеникот Антонијо Милошоски.

Вчерашната средба беше од затворен тип, а на неа присуствуваа министерката за правда Рената Дескоска, советникот за евроатлантски интеграции Бојан Маричиќ и пратеничката Соња Мираковска од СДСМ, како и пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, заедно со адвокатот Тони Менковски.

Деновите се одброени

Премиерот Зоран Заев изјави дека законот содржи повеќе од 80 отсто од предлозите на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ и токму затоа очекува договор за негово изгласување.

– Очекувам да се договориме, а пратениците да се изјаснат, бидејќи деновите се одброени. За оваа работа разговараме речиси една година, а останаа само дваесетина денови за разговори. Искрено верувам дека заедно со опозицијата, со консензус ќе ја обезбедиме поддршката на новиот закон за јавно обвинителство изјави Заев.

И членот на Централниот одбор на СДСМ, Горан Сугарески, истакна дека има големи очекувања да се донесе законот за Јавно обвинителство.

– СДСМ во изминатиот период инсистираше да се постигне договор и сè што прави моментно е во правец на тоа да биде да биде донесен законот. Од наша страна ќе биде сè направено. И премиерот кажа дека предлозите од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во најголем дел се внесени во предлог-законот – рече Сугарески.

Ќе падне договор!

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека по долго време потрошено во преговори, сега работните групи на двете најголеми политички партии се многу близу до постигнување договор за законот за јавно обвинителство.

– Во изминатиов период слушнавме оптимистички најави и од власта и од опозицијата, па сметам дека ова решение ќе биде блиску до она што го бараше ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е интеграцијата на СЈО во ОЈО. Суштинскиот камен на сопнување ќе биде прашањето дали претходните предмети ќе продолжат или ќе се стопираат. Но, тоа е политички камен на сопнување, бидејќи на СДСМ му одговара да продолжат, а на ВМРО-ДПМНЕ не ѝ одговара. Тука мислам дека меѓународната заедница силно ќе притисне и дека на крајот ќе продолжат предметите и ќе се назначи наследникот на Катица Јанева. Во врска со денешната најава за евентуалното изгласување на законот во Собранието, сметам дека теоретски постојат шанси да се собере двотретинско мнозинство и конечно да се затвори целиот проблем – објаснува Арсовски.

Поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев, пак, вели дека дури и да не биде постигнат договор за статусот на СЈО, па дури и да не продолжат предметите што ги водеше ова обвинителство, единственото безболно решение според Уставот е државниот јавен обвинител Љубомир Јовески да ги преземе сите предмети во фазата.

– Главниот државен јавен обвинител со предметот под мишка и во судница. Па сите познати јавни обвинители во светот се прославуваат во судница, а не на прес-конференции. Тој е овластен според Уставот, нема друг, тој се грижи за сите предмети, и треба да гони сторители на кривични дела – вели Илиев.

Тој додава дека не смее да се дозволи предметите и истрагите на СЈО да останат да „висат“ незавршени или да пропаднат поради тоа што политичарите не сакале да се договорат.

– Можеби е паметно сите предмети да ги преземе државниот обвинител, вклучувајќи ги и истрагите кои за опозицијата се спорни затоа што се отворени по 30 јуни 2017 година. Не може да замижи за сторени кривични дела, сите овластувања се во негови раце. Откако ќе ги преземе и разгледа ќе може да ги прошири – или да се врати неколку чекори назад или да продолжи од каде што застанале претходно – вели Илиев.

Што нуди власта, а што бара опозицијата?

Предлог-законот за јавно обвинителство што го испрати Владата на усвојување во парламентот по скратена постапка, предвидува спојување на СЈО со ОЈО, а актуелниот шеф на обвинителството ќе продолжи да ја врши функцијата како јавен обвинител на новото обвинителство до завршување на мандатот за кој е избран. Ова значи дека шефица на новото обвинителство би била Вилма Русковска. Според предлогот, сите обвинители од СЈО ќе преминат во новото обвинителство, а со нив ќе премине и целокупната архива, материјалните средства и опремата што ги користи СЈО. Споеното обвинителство треба да продолжи да гони за кривични дела кои се поврзани или произлегуваат од „бомбите“ за периодот 2008-2015 година.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара обвинителите на СЈО да се вратат во матичните обвинителства, да се истражи нивната евентуална инволвираност во аферата „Рекет“, па дури потоа да конкурираат за работа во новото обвинителство. Опозицијата смета дека републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески треба да ги преземе сите предмети отворени до 30 јуни 2017 година и да ги распредели на понатамошно постапување во зависност од фазата во која се наоѓаат. Не сакаат ниту сите човечки и материјални ресурси на СЈО да преминат во новото обвинителство, обвинувајќи за непотизам при вработувањата во Специјалното обвинителство.

Денеска ќе се дознае наследникот на Јанева

Советот на јавни обвинители денеска ќе одржи седница на која се очекува да ја почне постапката за разрешување на притворената специјална обвинителка Катица Јанева. Поради тајноста на истражната постапка за случајот „Рекет“ која е сè уште во тек, седницата на Советот ќе биде затворена за јавноста.

Пред почетокот на седницата Советот очекува да ги добие сите неопходни документи за предметот и да донесе одлука дали ќе ја отпочне постапка за разрешување на Јанева преку Собранието или ќе назначи в.д. специјален обвинител од редовите на СЈО.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот