Договор ќе има…договор ќе нема…!

Договор за законот за ЈО ќе има. Мора да има. И не се толку далеку преговарачите колку што можеби изгледа. Ако ја смениме дипотријата ќе забележиме дека преговорите, освен вчерашната долга ноќ, траат подолго време наназад. Значи обиди за надминување на разликите постојат и на нив интензивно се работи. Ако беа толку големи немаше ни да седнат да разговараат.

Значи, одредена свест за важноста од донесувањето на овој закон за ЈО е присутна. Во преговарачкиот процес се вклучени, не само политичките раководства, туку и истакнати експерти од областа на правото. Но и од политиката. Да не забораваме дека дури и за правна материја како што е законот за ЈО не се постигнува компромис без политичка волја. И не случајно, меѓународниот фактор инсистира на будење или надвладување на државниот интерес во изнаоѓањето на компромисно решение по текстот на законот.

За нив е важно, ако веќе сме го поставиле како општ политички консензус членството во ЕУ и во НАТО, да покажеме минимум подготвеност на европски начин да ги решаваме проблемите. Како што не еднаш истакнале претставниците на земјите членки на ЕУ, „тие во својата заедница примаат само функционални држави“. Нашата земја треба да ја покаже таа способност. И тоа сега, веднаш. Да, и тоа на тешки прашања како што е борбата со криминалот и високата корупција. Ако не, се чини дека уште долго ќе треба да чекаме на отворање на вратите на европската заедница за нашите граѓани на кои толку многу се повикуваат сите политички партии.

Она што сега се чини непремостиво се обидите за заштита на „своите“ од гонење за корупција. Предлози и за оваа ситуација сепак има. Еден од нив изгледа дека е оној на Премиерот за формирање уште едно условно наречено „СЈО“ кое ќе биде раководено од обвинител поставен од страна на опозицијата. Се разбира и тука недоразбирањата можат да лежат во деталите. Дали тој шеф на тоа обвинителство ќе бил англиска кралица или не. Но, не е нешто за што не може да се најде решение. Па едно такво обвинителство каде шефот беше неприкосновен беше токму СЈО и Катица Јанева. Ние, нели се залагаме за силни институции, а не поединци. И двете партии досега требаше да сфатат дека еден човек не е доволен за борба со корупцијата па макар бил предложен од СДСМ или пак од ВМРО ДПМНЕ, па ниту како компромисно решение каква што беше Катица.

Оптимизам влева што со префрлањето на предметите од СЈО во ЈО се запазува континуитет во процесот на гонење на висока корупција и криминал. И отстапките од двете страни се добар знак за оптимизам. Сега веќе не се говори за механичко префрлање на целиот персонал од СЈО во ЈО, туку на обвинителите и истражителите, како и други предлози од опозицијата кои се прифатени во текот на преговорите. Но и ВМРО-ДПМНЕ не е веќе бескомпромисно во повеќето решенија од законот, освен што цврсто се бори за неказанивост на своите луѓе од „бомбите“.

Можеби звучи како да треба да се формираат две обвинителства, од кои едното ќе ги гони престапите на минатата власт, а другото на сегашната. Тоа можеби за партиите е проблем, но за нас граѓаните и за државата може да биде и тоа како корисно. Се разбира има таквото решение и мани. Тоа ќе биде уште една стапка во и онака длабоко, партиски поделеното македонско општество. Но, што е тука е. Она што е мана може да даде прагматично корисни резултати. Време нема многу да се постигне заедничко прифатливо решение, но тоа пак создава притисок за интензивирање на средбите. Лидерски или на работни групи, сеедно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот