Договарале рабат и од 40 проценти, утврдени 26 нефер трговски практики

Фото: „Слободен печат“/ Драган Митрески

На 28-ми овој месец ќе почне да се применува Законот за нефер трговски практики. Состојбата на терен покажува неоправдано „билдање“ на цените

Досега се утврдени 26 случаи на нефер трговски практики во договори меѓу производителите, добавувачите и трговците поради големите проценти на рабат и до 40 oтсто, кои влијаат на крајната цена на производот, а тоа го плаќаат граѓаните, изјави заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески кој се сретна со стопанственицте во пресрет на стапувањето во сила на Законот за нефер трговски практики на 28-ми овој месец.

-Во досегашните договори меѓу производителите, добавувачите и трговците, има екстремно високи проценти на договарање и рабат – дури и до 35 и 40 насто и сето тоа крајно ги оптоварува производот и крајниот потрошувач, граѓаните. На ваков начин од дел трговци, производителите, некако се и уценувани. А поради тоа производителите мораа да ги зголемат цените за да имаат исплатливост – вели Ристески.

Марјан Ристески, заменик-министер за економија

Според одредбите од Законот за нефер трговски практики, може во одредени периоди во годината да има поголем рабат од 10 проценти, поради акции, но тој процент нема да се надминува на годишно ниво.

-Овој закон мислам дека ќе биде од голема важност и е прв закон во југоисточна Европа, со кој ќе бидат регулирани овие односи и мислиме дека крајниот ефект на реализацијата и имплементацијата ќе се одрази и на цената на производите, а најголем бенефит, секако, ќе имаат крајните потрошувачи. Листата на земјоделски, прехранбени производи е составена од околу 2 540 производи. Овој закон е донесен во консултација со работодавците, со стопанските комори, со Здружението за земјоделски и прехранбени производи и, секако, во консултација со другите релевантни министерства – објаснува за МИА заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.

На неодамнешната средба со стопанствениците од прилепската регионална комора, беше речено дека во суштина Законот е прифатлив за нив и очекуваат како ќе се имплементира и како ќе се врши надзорот.

-Очекуваме од Комисијата за заштита на конкуренцијата, како надзорен орган, да изготви мислења и насоки до почетокот на имплементацијата на Законот, за да можат и на компаниите-добавувачи и на купувачите да им биде јасно што ќе се случува со овој закон, имајќи предвид дека глобите за неспроведување се доста високи – рече Никола Мариноски, претседател на Регионалната стопанска комора од Прилеп.

Донесен Законот за нефер трговски практики, добавувачите и купувачите имаат рок од шест месеци за усогласување

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот