Догодина нема да има пилоти за гаснење пожари, двајца од тројцата во Дирекцијата за заштита и спасување ќе одат во пензија

Авионите во акција/ Фото: Дирекција за заштита и спасување

Постои зголемен интерес за професијата пилот, но студентите или учат за да пилотираат на комерцијални авиони, или за свој мерак

Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) има три воздухоплова, три пилоти и шест механичари. Идната година двајца од пилотите ќе заминат во пензија, а нивното испразнето место тешко дека ќе се пополни. И сега, велат во ДЗС, бројот на пилоти не е доволен, а што ќе се прави кога и тие што ги имаат, ќе си заминат во пензија, засега немаат одговор.

– Бројот на пилоти не е задоволувачки, а бројот на механичари е задоволувачки. Следната година во февруари, два пилота одат во пензија. Многу е тешко да се најде пилот за вработување, нема интерес кај младите пилоти поради ниските плати во однос на другите воздухопловни кадри – изјавија за „Слободен печат“ од ДЗС.

Дозволата на пилотите ја издава Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) по исполнување на основните услови на кандидатите и по успешно завршена обука.

– Бројот на лица што се во процес на обука во школите, односно организациите за обука е различен по тип на летало за кое се обучуваат. Прогресот на обука зависи индивидуално од секој кандидат. Досега во 2023 година, 5 лица се стекнале со дозвола за пилот, и тоа: еден за пилот за балони, тројца за дозвола за приватен пилот, еден за дозвола за комерцијален пилот. Во 2022 година вкупно 8 лица се стекнале со дозвола за пилот, и тоа еден за пилоти за едрилица, еден за дозвола за приватен пилот, 6 за дозвола за комерцијален пилот (1 на авион и 5 на хеликоптер) – изјавија за „Слободен печат“ од АЦВ.

Оттаму велат дека во моментов во одобрените македонски школи во постапка на обука се повеќе студенти.

– Тоа претставува добар знак по неколкугодишна стагнација и интерес на кандидатите, која е делумно предизвикана од ковид-19. Покрај организациите на територија на државата, кандидати одлучуваат обуката за пилот на авион да ја спроведуваат во странски држави, а пред се во земји членки на ЕУ од лични причини и од причина што со дозвола издадена во земји членки на ЕУ полесно можат да аплицираат за професионална работа како пилот – објаснуваат од АЦВ.

Сепак и покрај тоа што пилотирањето станува поинтересно како професија, идните пилоти не покажуваат интерес за да завршат во некоја државна институција. Тоа, го потврдуваат и во од Аероклубот „Скопје“ каде што се вршат обуките.

– Во моментов имаме четири ученици за пилоти. Веќе има закажано и нови, за следните термини. Всушност, интерес има и постојано е пополнет капацитетот. Има две категории луѓе, едни се млади што сакаат да бидат пилоти за потоа кариерно да се развиваат и нивна цел е да бидат пилоти на комерцијални авиони, а другата група се луѓе што веќе се реализирале во својата кариера и сега сакаат да учат за пилот за да може сами да летаат – вели Јане Стефанов од Аероклубот „Скопје“.

Од АЦВ ја објаснија и постапката како може да се биде пилот. За лесни авиони, едрилици и балони може да се полага уште на 16 години, за приватен пилот на 17 години, за комерцијален на 18 и за сообраќаен пилот на 21 година.

– Пилотите прво посетуваат обука во одобрени школи/организации за обука за соодветно летало (авион, хеликоптер, параглајдер, змај). По завршена теоретски курс или обука, полагаат испит во одобрените школи/организации и продолжуваат со практична обука за дадениот тип летало. По комплетирање на практичната обука, школата/организацијата спроведува испит за практичниот дел. По успешно завршена обука, школата/организацијата издава препорака за излегување на испит пред воздухопловните власти. За стекнување дозвола за пилот, кандидатот треба ги исполнува основните услови (минимум години – различно за секој тип дозвола со која се стекнува), валидно лекарско уверение (соодветна класа по тип дозвола за пилот), соодветно познавање воздухопловен англиски јазик со уверение од одобрена организација/центар. Покрај основните услови, треба да ги има положено успешно сите теоретски предмети, кои содејствуваат за типот на дозвола со која се стекнува и тоа пред надлежното тело – Агенцијата за цивилно воздухопловство. По теориските испити и препорака од школата/организацијата каде што се обучувал, кандидатот полага практичен испит (на соодветното летало на кое се вршела обуката. Практичниот испит го спроведуваат назначени и одобрени испитувачи во АЦВ – објаснија од АЦВ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот