Додик миротворецот

Military soldier hiding in grass while guarding with a rifle in boot camp,Image: 340724482, License: Rights-managed, Restrictions: , Model Release: yes, Credit line: - / Wavebreak / Profimedia

Република Српска агресивно ја вооружа својата полиција, па затоа има оклопни возила, хеликоптери и 25.000 офанзивни пушки, недостасуваат само уште тенкови и артилерија

Веднаш штом започна приказната за опцијата за мирна разделба во Босна и Херцеговина, особено по констатацијата дека разделбата нема да биде можна без војна, претседателот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, неочекувано започна да вели дека тој не сака војна, ниту би ја сакал дури и за постигнување независност на Република Српска, но тешко е да се поверува во неговото миротворство.

Па, тој го споменува отцепувањето на РС од БиХ најмалку 10 години и не обрнува многу внимание на ризиците што би ги имал овој неуставен и антидејтонски потег, туку постојано ја зголемуваше и вооружуваше полицијата на РС, така што таа, според многумина, прерасна во паравоена формација што претставува закана не само за неистомислениците во ентитетот, туку и за жителите на Федерацијата БиХ.

Исто како во Србија

Во февруари 2018 година, лондонски „Гардијан“ објави статија под наслов „Додик купува илјадници пушки – дали се подготвува нова војна во БиХ?“. Во написот ова вооружување се поврзува со неговата закана за отцепување на РС од БиХ. Весникот наведува дека „Додик користи силно вооружена полициска единица за да ја зајакне својата позиција насилно, и на долг рок, можеби, за отцепување за кое Сараево, Брисел и Вашингтон инсистираат дека не станува збор за тоа. Сепак, ова претставува ризик од нова војна во регионот“, напиша „Гардијан“.

Пред три години, Додик рече дека Министерството за внатрешни работи на РС купило 25.000 автоматски пушки од Институтот „Црвена застава“ од Крагуевац за борба против тероризмот и со тоа уште еднаш покажа дека е мајстор за наоѓање изговори и оправдување за сè. Но, експертите утврдија дека не станува збор за полициско, туку за воено вооружување. Имено, М-70 АБ е офанзивна воена пушка, копија на „калашников АК-47“, која исто така има можност за испукување мини со тромбол, а може да се монтира и на фрлач на гранати од 40 мм. Таа користи муниција 7,62х39 мм, што е поголем куршум од оној што го имаат американските пушки М-16 во вооружените сили на БиХ, чиј калибар е 5,56х45 мм. За сè да биде по воени стандарди, овие пушки се наоѓаат во базата на Министерството за внатрешни работи на РС што неодамна беше отворена во поранешната касарна на ЈНА во Залужани, кај Бања Лука. Таму се обучуваат и специјалци. Во оваа база, што е обезбедена како стратегиско командно место, се наоѓа и жандармеријата – нова единица за маневрирање на полицијата на РС, идентична со онаа во Република Србија.

Од полицајци до ловџии

Покрај пушките, МВР на РС има десетина оклопни борбени возила „Деспот“ наменети за многу широк спектар на мисии во доменот и опсегот на полициските единици, но всушност станува збор за воено оклопно возило произведено од „Заводот за технички ремонти“ од Братунац, засновано на лиценца од ист вид возила под името „Лазар“. Возилото што го носи името на српскиот принц Лазар Хребељановиќ е направено за потребите на српската армија во Фабриката на комплексни оклопни транспортери и самоодни артилериски оружја во Велика Плана, во централниот дел на Србија. Првата верзија беше дадена на РС, а во меѓувреме беа направени уште два вида на посилен и помодерен оклоп, „Лазар 2“ и „Лазар 3“. „Деспот“ има погон на сите тркала и одлични перформанси за движење и надминување на разни тешки терени и препреки, таман за војна – за оние кои ја посакуваат.

Кога на овој арсенал на ентитетот на РС ќе се додадат три повеќенаменски хеликоптери, во кои може да се постави оружје доколку е потребно, тогаш сликата за типично воена формација е поцелосна – недостасуваат само тенкови и артилерија! Министерот за безбедност на БиХ, Селмо Цикотиќ, неодамна за ТВ N1 изјави дека, во овој случај, не можеме да зборуваме за типична модернизација на МВР на Република Српска, туку за нешто друго, многу поопасно: „Би сакал да истакнам дека истата политика на РС што се залага за демилитализација на БиХ, многу агресивно ги милитаризира полициските сили или апаратурата за внатрешна принуда, па затоа е поврзана со зголемен број луѓе и оружје во рамките на безбедносните агенции, ловечките здруженија и спортските здруженија, сè во еден контекст.“

Повеќе оружје од сите други

Деновиве, Канцеларијата на високиот претставник во БиХ побара објаснување од Министерството за внатрешни работи на РС зошто се набавува тешко воено оружје, истакнувајќи дека на полицијата не ѝ е потребно такво вооружување за одржување на јавниот ред и мир и праша каква безбедносна закана би оправдала вакво оружје.

Имено, ентитетското МВР, покрај она со што веќе располага, бара одобрение од надлежните државни органи на БиХ за увоз на борбени станици „Rogue-lite“ со далечинско управување и со калибар 12,7 мм и калибар 7,62 мм. Станува збор за инсталирање на овие инсталации на возилата „Деспот“, според обврските од договорот за продажба склучен помеѓу „Заводот за технички ремонт“ од Братунац и Министерството за внатрешни работи на РС. Со тоа, на возилото ќе има митралез чијашто огнена моќ е значително зголемена, со далечински управувач.

За каква ситуација се подготвува МВР на РС, кога има потреба од зголемување на убојноста на митралезите на оклопните возила? За мирна разделба – како што потенцира Милорад Додик – сигурно не. И не треба да им се дава согласност за споменатиот увоз, бидејќи бројот на оружје што тие го имаат го надминува сето она што денес го имаат сите полициски агенции на БиХ.

Преземено од „Ослобоѓење“ од Сараево

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот