Додик и Путин утре ќе се сретнат во Москва

Додик и Путин
Милорад Додик и Владимир Путин на средба во Москва/ Фото EPA-EFE/MICHAEL KLIMENTYEV

Српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик утре во Москва ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, потврди неговата советничка Ана Тришиќ-Бабиќ.

Тришиќ-Бабиќ изјави дека на средбата меѓу Путин и Додик „се очекуваат разговори за сериозни економски прашања”.

„Очекуваме да се разговара за сериозни економски прашања за кои денес зборуваат сите сериозни политичари, како да ја поминеме оваа зима, пролетта и следната зима”, изјави таа за Алтернативната телевизија на Бања Лука.

Според неа, претстојната средба во Москва е продолжение на разговорите што почнаа на Економскиот форум во Санкт Петербург на крајот на јуни.

„Една од темите на состанокот ќе биде енергетската ситуација и како Република Српска да помине што е можно подобро во сето ова што се случува. Веројатно ќе има и дискусија за тоа до каде сме стигнале со проектот за гасоводот од Србија до Република Српска”, додаде Тришиќ-Бабиќ.

Таа, исто така, рече дека Русија секогаш нагласува дека ја поддржува дејтонската Босна и Херцеговина во нејзините граници, почитувајќи ги трите конститутивни народи и два ентитета, како што е наведено и во Уставот на Босна и Херцеговина.

Додик патува за Москва на крајот на кампањата за изборите на 2 октомври, на кои ќе се бори за функцијата претседател на РС.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот