Додик бара селење на Амбасадата на БиХ во Ерусалим, Комшиќ бара признавање на Косово

Фото: n1info.com

Српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик денеска поднесе барање за одржување на вонредна седница на Претседателството заради релокација на Амбасадата на БиХ од Тел Авив во Ерусалим додека хрватскиот член на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ побара вонредна седница со предлог БиХ да ја признае независноста на Косово.

Прво, Додик испрати барање за одржување вонредна седница на Претседателството на БиХ, со само една точка на дневниот ред – „Предлог Одлука за промена на седиштето на Амбасадата на Босна и Херцеговина во државата Израел”, објави сараевскиот портал „Кликс.ба“.

Членовите на Претседателството на БиХ, Сефик Џаферовиќ и Жељко Комшиќ веќе оценија дека предлогот на Додик за преместување на амбасадата на БиХ од Тел Авив во Ерусалим е „популистичка” и „нереална”. Додик побара седницата да се одржи утре во 11 часот.

Во меѓувреме, пристигна барање за уште една вонредна седница на Претседателството на БиХ утре, во 10.45 часот, само петнаесет минути пред седницата што ја побара Милорад Додик.

Од кабинетот на членот на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, дојде барање на таа седница да се разговара за „Предлогот Одлука за признавање на Република Косово”.

Во своето барање, Додик оцени дека „суверенитетот на Израел над Ерусалим е неспорен”.

Со потпишување на документот во Вашингтон, Србија се обврза да ја премести својата амбасада во Израел во Ерусалим до јули 2021 година. Косово ќе го стори истото кога Израел ќе го признае како независна држава, се наведува во документот потпишан во петокот во Белата куќа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот