Доделен е Златниот објектив на Кинотеката

Филмската монтажерка Олга Лукова-Дончиќ и филмскиот критичар Благоја Куновски-Доре се добитници на овогодинешниот „Златен објектив“, награда што Кинотеката традиционално ја доделува по повод својот роденден на 29 април.

Признанието се доделува на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.

Олга Лукова-Дончиќ е родена во 1945 година во Скопје, каде завршува средно музичко училиште. Во 1967 година почнува да работи во продуцентската куќа „Вардар филм“ како асистент монтажер на кратки филмови. Набрзо се осамостојува како монтажер на кратки, а подоцна и на долгометражни филмови, во соработка со водечките македонски филмски автори.

Олга Лукова-Дончиќ

Работи како асистент на монтажа во „Македонска крвава свадба“ (1967), „Тито во Охрид“ (1967), „Лето господово ’67“ (1967), „Луѓе и фасади“ (1967), „Лифт горе, лифт долу“ (1967), „Републиката во пламен“ (1969), „ЗИК Пелагонија“ (1969), „Претседателот Тито во посета на ЗИК Пелагонија“ (1969), „Цената на градот“ (1970), „Македонски дел од пеколот“ (1971) и „Град на човечко препознавање“ (1972). Работи на монтажа во „Споменик“ (1968), „И водите на Вардар ќе бидат скротени…“ (1969), „Свилен конец“ (1969), „Хомо Апсурдикус“ (1969), „Крсте Петков Мисирков“ (1970), „Црно семе“ (1971), „Светлините на Скопје“ (1972), „99“ (1973), „Луѓе зад планината / Кичево 1971“ (1973), „Столетие на прекалените“ (1974), „Скопски железнички јазол“ (1974), „Сто години железници во Македонија“ (1974), „Рацин“ (1974), „Кој век минува надвор деца“ (1975), „Фазил Хисни Дагларџа“ (1976), „Еугенио Монтале“ (1976), „Ден кога се проштева“ (1976), „Црн бор“ (1977), „Фаулбал“ (1977), „Никола Мартиноски“ (1977), „Фабрика за акумулатори Злетово“ (1977), „Винојуг“ (1977), „Подмолна сила“ (1978), „Џафра“ (1978), „Бакнеж“ (1979), „Рафаел Алберти“ (1979), „Икар“ (1979), „Ежен Гилвик“ (1979), „Самопридонес“ (1979), „Време, води“ (1980), „Мостови – Струшки вечери на поезијата“ (1982), „Мистериозниот предмет“ (1982), „Автопат“ (1985) и „Патишта во СР Македонија“ (1985). Кариерата ја завршува во 1986 година.

Благоја Куновски е роден во 1946 година во Скопје, каде работи како уредник и филмски критичар во Македонската радио телевизија. Исто така е и долгогодишен уметнички директор, селектор на главната натпреварувачка селекција и директор на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола. Основач е на уметничкото кино „Фросина“ и на фестивалот на европски филм „Синедејс“ при Младинскиот културен центар во Скопје. Основач и програмски координатор е на Меѓународниот фестивал на анимиран филм „Анимакс Скопје фест“.

Благоја Куновски-Доре

Вредно да се спомене е и неговото членување во водечката меѓународна асоцијација на филмските критичари ФИПРЕСЦИ, како и членувањето во Асоцијацијата на европски и медитерански филмски критичари ФЕДЕОРА. Автор е на бројни прилози, критики, есеи, фестивалски извештаи, портрети и интервјуа во македонските и светските медиуми. Коавтор е на монографијата „Дожд: светот за филмот ’Пред дождот‘ на Милчо Манчевски“ (2004), коавтор и еден од уредниците е на монографијата „40 години ИФФК ’Браќа Манаки‘“, соработник е во филмските изданија и списанија на Кинотеката на Македонија: дел од редакцијата на Кинотечниот месечник и долгогодишен автор и соработник на „Кинопис“, соработник и уредник е во филмските списанија „Синеаст“ (Сараево), „Филмска култура“ (Загреб), „Филмограф“ (Белград).

Претходни добитници на наградата „Златен објектив“ се режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов, Кирил Ценевски, Коле Ангеловски и Коле Манев; тонскиот снимател Глигор Паковски; аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ; директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков; филмскиот работник Коста Крпач; продуцентот Панта Мижимаков; филмската критичарка Илинденка Петрушева; монтажерите Димитар Грбевски и Спасе Тасевски; костимографките Елена Дончева и Зорка Тодорова-Младеновиќ.

(Текстот е објавен во ТВ и Филмски печат на 6 мај 2022 во весникот „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот