Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во кочанската болница / фото: Слободан Ѓуриќ / Слободен печат

Додека Тошковски не дава оставка, Обвинителството потврдува дека нема нови осомничени полицајци

Нема нови осомничени полицајци за трагедијата во Кочани во која загинаа 61 лице, меѓу кои и малолетници, потврдуваат за „Слободен печат“ од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, каде има Специјализирано одделение за гонење кривични дела на службеници со полициски овластувања и припадници на затворската полиција.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски тврди дека истрагата влегла во МВР, но од Обвинителството го потсетуваат дека и МВР има надлежност да презема дејствија во рамките на постапката.

– Во моментов нема проширување на постапката што би била во надлежноста на Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција при Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК). Воедно ве потсетуваме дека МВР има надлежност да презема дејствија во рамките на постапката – велат од Обвинителството.

Тошковски: Невообичаена и сè поочигледна алијанса

По барањата на опозициските партии, Тошковски со вонредно обраќање на социјалните мрежи соопшти дека не планира да поднесе оставка и се пожали на координирани напади од ДУИ, СДСМ и Левица, кои сакаат да го спречат да се справи со корупцијата во државата, нешто што не го правел никој пред него.

– Поттикнат од вчерашните координирани напади од ДУИ, СДСМ и нивниот нов партнер Левица, кои синхронизирано и оркестрирано ги насочија кон мене сите свои расположливи сили, а дополнети и со нови, очекувано продолжени удари од страна на СДСМ утрово, чувствувам обврска пред јавноста да укажам на суштината на оваа невообичаена и сè поочигледна алијанса. Три партии, различни во својата форма, а слични во својата природа, вчера се здружија во обидот да фрлат сенка над она што три децении го чека македонскиот народ – расчистување со корупцијата и ставање крај на политиката на неказнивост. Три партии што наводно се борат една против друга, вчера покажаа дека нивниот заеднички интерес е посилен од сите нивни привидни разлики – напиша Тошковски.

Тошковски прва ја спомена ДУИ и нејзините функционери, кои порано велеле дека не одговараат пред законот, туку само пред Али Ахмети, потоа СДСМ, која не поднела ниту една кривична пријава за трите претходни големи трагедии, а Левица ги нарече паразити што се хранат од народниот гнев создаден од ДУИ и СДСМ. Тој порача дека нападите не ги гледа како закана, туку како комплимент – дека конечно правдата ги допре оние што мислеле дека засекогаш ќе останат недопирливи.

– Ако нападите се цена што мора да ја платиме за ова, тогаш јас сум подготвен секој ден да ја плаќам, затоа што ова не е само политичка битка. Ова е враќање на Македонија таму каде што ѝ е местото, во рацете на граѓаните, а не во рацете на криминалците. Македонија мора да биде држава каде што одговорноста нема партиска боја, а правдата нема цена. Токму таа Македонија е целта за која вреди да се издржат сите овие напади. И таа Македонија, заедно со граѓаните, конечно ќе ја изградиме – напиша министерот.

Во целото свое обраќање тој не напиша ниту еден збор за селективната правда за која го обвинуваат, особено од ДУИ, дека се апсат само поранешни функционери, и тоа што истрагата, иако се прошири во Министерството за економија и во Дирекцијата за заштита и спасување, застана кај актуелниот директор на Државниот пазарен инспекторат именуван од ВМРО-ДПМНЕ, како и во МВР.

Апасиев: Министер со „образ ѓон“

СДСМ ги нарече панични нападите на Тошковски. Му порача дека наместо да си даде оставка за да не влијае на истрагата, тој бара виновници од 2012 година само за да нема такви во актуелната власт.

Лидерот на Левица Димитар Апасиев, пак, му порача на Тошковски дека е бескрупулозен министер со „образ ѓон“.

– Досега, при секоја голема трагедија, актуелните министри си поднесуваа оставки, кои потоа премиерите (Груевски и Заев) – не им ги прифаќаа!? Во Србија дури падна и владата за трагедијата со 15 загинати во Нови Сад! Но, овој бескрупулозен министер, со образ ѓон, кој е познат како „адвокат на урбаната мафија“ – нема ниет да ја сфати суштината на оставката од морални причини, иако МВР и тоа како е криво за она што се случи во Кочани, каде што загинаа 60-ина луѓе, а повеќе од 200 се повредени! Овој послушник на премиерот има само една задача – да ја заташка истрагата со цел ниеден актуелен функционер-вмроид да не одговара! Затоа, ние му поднесовме интерпелација и со него ќе се соочиме машки на собраниска седница – напиша Апасиев.

ДУИ претходно реагираше на селективната, еднострана и таргетирана истрага кон албанскиот народ.

Досега за трагедијата во Кочани во притвор се седуммина полицајци – раководни лица во Секторот за внатрешни работи Штип и во Полициската станица од општа надлежност Кочани. Осомничени се за тешки дела против општата сигурност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот