Додека се догради училиштето во Ново Село, обезбедено греење за учениците

ОУ „Тихомир Милошовски“ во Ново Село, Фото: Фејсбук

Учениците што учат во ОУ „Тихомир Милошовски“ во Ново Село ќе имаат греење во текот на наставата, а со тоа се создадени услови и за реализирање на продолжен престој во училиштето од понеделник. Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, деновиве го посети училиштето, каде што во тек се градежни работи за доградба на објектот и поради тоа имаше проблем со греењето, за што повеќепати родители на ученици алармираа и бараа решение од надлежните.

Во ОУ „Тихомир Милошовски“ од почетокот на оваа учебна година наставата се одвива комбинирано, за учениците од прво до четврто одделение со физичко присуство, додека учениците од петто до деветто одделение наставата ја следат онлајн. Како што објаснуваат од Општина Ѓорче Петров причина за ваквата организација на наставата се градежните работи во дел од училиштето, кои ги изведува Министерството за образование и наука.

-Со почетокот на грејната сезона OУ „Тихомир Милошовски“ се соочи со уште еден проблем. Со градежните работи е опфатено загревањето на училиштето и промена на начинот на греење од дрва на нафта. Без да води сметка за наставниот процес, МОН ја започна промената на системот на греењето пред самиот почетокот на грејната сезона и така училиштето остана без греење. Проблемот со греењето е решен и најдено е конкретно решение. Општината обезбеди преоден систем за затоплување на струја и покрај слабиот капацитетот на електричната инсталација во училиштето – велат од Општина Ѓорче Петров.

Оттаму додаваат дека градоначалникот Стојкоски уште на почетокот на неговиот мандат ставил посебен акцент на образованието во општината и веднаш се зафатил со решавање на наследениот проблем.

– Најдоцна до понеделник повторно ќе биде ставен во функција и продолжениот престој на учениците во училиштето, кој ги опфаќа учениците од прво до трето одделение – тврдат од Општината.

Во ОOУ „Тихомир Милошевски“ веќе извесен период се работи на доградба на училиштето во кое поради недостиг на простор учениците беа принудени да ја следат наставата во три смени. Најавено беше дека до крајот на годинава во употреба ќе бидат ставени доградените 500 метри квадратни, односно 6 училници, 2 канцеларии, санитарни јазли, лифт и чајна кујна.

Новите простории се надоврзани со веќе постојниот дел на училиштето. Се реконструира и постојниот систем за греење кој досега беше на дрва, а според проектот е предвидено да биде на нафта.

Во училиштето учат повеќе од 500 ученици, кои се очекува по завршување на градежните работи, наставата да ја следат во две смени.