Додека Мицкоски ја чека поканата од Ковачевски

Ерол Ризаов
Ерол Ризаов, аналитичар/ Фото: Дојче Веле

Новата методологија на преговори на бугарската влада и премиерот Петков и поддршката на Брисел, Берлин, Париз и Вашингтон може лесно да падне во вода ако ја нема и поддршката дома. Затоа средбата меѓу Ковачевски и Мицкоски е од исклучително значење.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски се огласи дека ја чека ветената покана на премиерот Димитар Ковачевски да седнат на заедничка маса и да разговараат, за што друго ако не за најзначајните државни интереси со чија реализација се соочува Македонија. Овој пат Мицкоски го ублажи условувањето дека може да се разговара само за предвремени избори додавајќи го зборот меѓу другото. Ова „меѓу другото“ би требало да означи подготвеност за нов дневен ред, кој би требало да опфати многу позначајни приоритети од брзи избори.

Новиот премиер Ковачевски, пак, во своето прво интервју категорично остана на ставот дека мнозинството во парламентот е стабилно и дека Владата останува до крајот на мандатот до 2024 година. Така, очекуваната средба во јавноста меѓу двајцата претседатели на најголемите политички партии и покрај обостраната подготвеност за разговори во вакви околности е неизвесна бидејќи во втор план остануваат во моментот најзначајните државни интереси какви што се пандемијата, преговорите со Бугарија, економската и енергетската криза.

На пример, можат нашите двајца партиски лидери да договорат задолжителна вакцинација за ефикасна заштита како што тоа се постигна во Австрија и во Италија за лицата постари од 50 години, или строги ограничувања какви што има во многу земји во светот. Еден таков договор и заеднички став за овие прашања на двајцата лидери по урнекот на повеќе етаблирани западноевропски парламентарни демократии би било прифатено со големо олеснување во јавноста. Сите домашни и светски здравствени и научни авторитети недвојбено тврдат дека вакцинацијата е најефикасниот начин за заштита на населението од поголема смртност.

Усогласените мерки за справување со економската и енергетската криза, би ги одбегнале блокадите во Собранието и би биле многу поефикасни. Се разбира, тоа не би ја намалило одговорноста на Владата за вкупните состојби во земјата, а опозицијата би добила поени во јавноста за својата кооперативност и учество во разрешување на сериозните тешкотии што ги наметнаа пандемијата и енергетската криза.

И конечно, и најважно за преговорите со Бугарија кои добија нова димензија со новата влада и премиер Кирил Петков, станува неопходно да се постигне консензус меѓу сите релевантни политички партии. И во овој случај неуспехот би бил најголема одговорност на Владата, а успехот со заемно прифатливи решенија би бил заеднички на сите и на партиите и на граѓаните.

Лесно е да се напише, тешко е да се постигне

Ова е лесно да се напише во новинарски текст, но имајќи ја предвид нашата реалност на поделена и грубо партизирана јавност, здравиот разум и рационалноста прераснува во утопија пред партиските стратегии за превласт и пред теориите на заговор и распродажба на националните интереси. Добро познатите досегашни искуства сѐ уште можат многу да помогнат ако има политичка волја и мудрост. Еве и зошто.

Средбите и договорите за заедничките ставови на премиерите и лидерите на опозицијата во земјите со парламентарна демократија во деликатни ситуации кога е во прашање државен и национален интерес се исклучително значајни. Тие се неопходни, а во некои случаи и задолжителни, без оглед дали се прецизно, или недоволно јасно регулирани со уставите и конститутивните закони, особено кога станува збор за опасност од воена агресија, природни катастрофи, пандемија, економска криза, воведување вонредна состојба и притоа ограничување на човековите прва и слободи, склучување на меѓудржавни договори за воени, политички сојузи, за кои се потребни компромиси, кои ако станат „оружје“ за меѓупартиска пресметка за превласт и популистичко националистичка пропаганда, можат да предизвикаат катастрофални последици на делби, омраза, немири и трагични конфликти.

Македонија во трите децении на својата независност повеќепати се најде во такви драматични ситуации во кои беше доведена во прашање нејзината иднина, а според некои процени и опстанокот како држава. На современиците на бурните историски настани ќе им остане во колективното памтење крвавиот распад на Југославија и мирното раздружување на Македонија и повлекување на југословенската армија без ниту една жртва. Но, во заборав падна дека во тие судбински денови на повлекување на повеќеилјадната војска под полна воена опрема и на големите контингенти оружје и нервозни генерали имаше повеќе партиски мотивирани активности и акции за преземање на оружјето, кои само со еден убиствен истрел можеа да се претворат во голема крвава трагедија слична на онаа што се случуваше во сите југословенски републики, при што како жртви паднаа и македонски војници.

Кај мнозинството граѓани превладеа апелот на претседателот Киро Глигоров дека сето тоа железо не вреди колку еден човечки живот. Но, додека не заминаа со денови тие конвои со оружје и војници, Договорот Глигоров-Аџиќ можеше лесно да се поништи бидејќи опасноста демнеше во секој миг да дојде до експлозија. Партиските агитации и патриотски повици беа присутни, а некаде одекнаа и молотови коктели, за среќа без последици.

Членка на ОН или ничија земја

Вториот случај беше членството на Македонија во Обединетите нации со привременото име ПЈРМ, или како што на меѓународен план беше наречена ФИРОМ, како што тој ден на 8 април 1993 година на општо изненадување осамна на табличката во салата на Генералното собрание пред столчето на претседателот Глигоров. Немаше меѓупартиски договор, ниту заеднички став за тоа. Претседателот на државата и владата ја презедоа одговорноста Македонија да не остане ничија земја, туку да биде членка на ОН со привременото име за надворешна употреба – ПЈРМ, што во земјата предизвика огромно незадоволство.

И денес, како многу години подоцна од тој настан, се водат јалови расправи што ќе се случеше ако македонската делегација го одбиеше тој предлог и се вратеше во татковината без членство во ОН. Што мислите, дали сѐ уште ќе траеја кавгите за големото национално предавство како што беше оквалификувано преименувањето на државата која ако се впуштевме во такви расправи да се донесе одлука во Собранието, не е исклучено Македонија и ден-денес да не е членка на ОН, покрај тоа што болно ќе ги дознаевме последиците од фактот што значи тоа кога една држава не е признаена во ОН. Тој значаен датум – 8 април, во Македонија речиси и не се одбележува, иако во суштина членството во ОН е највисокиот и најзначајниот чин во меѓународното признавање на една држава.

Конфликтот во 2001 година, ако не беше потпишан Охридскиот договор, беше на работ да прерасне во граѓанска војна со несогледливи трагични последици. Никогаш не се објави од официјални извори точната бројка на загинати во вооружените судири на двете страни. Претседателот на државата Борис Трајковски беше под силен притисок да потпише вонредна состојба, кој храбро одби тоа го направи по цена да биде анатемисан од својата партија и прогласен за национален предавник.

Денес, Охридскиот договор без оглед што е потпишан од двете страни и од меѓународни претставници и ја гарантира неделивоста и територијалниот интегритет на државата, сѐ уште е предмет на партиско популистички и пропагандни расправи дали потпишувањето е предавство и капитулација, терористички напад врз Македонија диригиран однадвор или востание за остварување човекови права и слободи. Во секој случај, воениот конфликт се одржува, според партиските потреби, како незалечена рана и постојана опасност за меѓуетнички судири, уцени и непринципиелни коалиции.

Што изгубивме со Преспанскиот договор

Преспанскиот договор меѓу Грција и Македонија кој ги отвори вратите за членство во НАТО и за почеток на преговорите со ЕУ, најголемите стратегиски интереси и приоритети на Македонија, беше пречекан од силен отпор во двете земји потписнички како велепредавство и непријателски чин. Во Грција, од грчките националисти и патриоти тоа беше оквалификувано како страотна загуба на светото име Македонија, на националната припадност Македонци и на прифаќањето на постоење македонски јазик и македонско државјанство.

Во Северна Македонија, пак, сѐ уште ечат партиско-академските тревоги за загуба на националниот идентитет, на уставното име на државата, на славното античко минато, за бришење на сите посебности на еден народ и држава, за распродажба на најзначајните идентитетски посебности на македонскиот народ и држава. Прво се тргна со лажни ветувања на опозицијата дека по промена на предавничката влада сѐ ќе си дојде на свое место, за сега да се стаса до точката од која нема враќање, која гласи дека се прифаќа реалноста за непроменливост на договорот. Јасно, станува збор за сосема ист став со тогашната грчка опозиција која го отфрлаше Договорот како национално предавство, за по доаѓањето на власт новиот премиер Мицотакис уште во првата вест да обзнани дека го прифаќа, иако е на штета на Грција.

Така некако ќе гласи и образложението за големите лажни ветувања за поништување на Договорот ако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт. Не само тоа, туку најревносно ќе ги спроведува ратификуваните обврски од договорот прикажувајќи ги како успеси со амин на сега загрижените академски и научни политички толкувачи на националните интереси.

Сѐ уште нема ни научно ни рационално политичко разјаснување, освен националистички пароли, како е изгубен националниот идентитет и националната припадност на македонскиот народ во изминатите три години од потпишувањето на Преспанскиот договор со географската додавка „северна“. Дали беше изгубен националниот идентитет на Македонците од основањето на современата држава од АСНОМ до денес со додавките федерална, народна, социјалистичка, поранешна југословенска… Клучните зборови во името на државата во сите случаи се сочувани – тоа се зборовите Македонија, име на државата и зборот Република, ознака за општественото парламентарно уредување. И толку – ништо повеќе, ниту северни Македонци, ниту северџани, ниту предавство, ниту распродажба на националните интереси, ниту загроза на македонскиот јазик. Тоа е само во главите со заробен ум кои ги форсираат овие штетни расправи присутни само во Македонија и никаде на друго место.

Обвинувањата за предавства – голема лага

Ете, стасавме до најактуелниот и најтешкиот момент – до бугарските вета и блокади за отпочнување на преговорите со ЕУ, кои како стануваат поизгледни дека ќе се тргнат, така во Македонија се крева поголема тревога за нови уште потешки предавства и распродажба на националните интереси и идентитетските посебности. Се бара спас во брзи предвремени избори, чин што ќе ги одложи сите процеси најмалку за една година без оглед на резултатите од предвремените избори. Здравиот разум го налага заклучокот дека ако беа досега исполнети неприфатливите условувања на Бугарија, Македонија ќе ги почнеше преговорите со ЕУ и блокадите ќе беа тргнати. Тоа досега не се случи во реалноста, но обвинувањата за предавство останаа како илјадапати повторена лага.

Со промената на власта во Бугарија станаа видливи и промените во чекорите за наоѓање заеднички прифатливи решенија, кои не задираат во денешната реалност на постоење на македонската држава прва призната од Бугарија и на сѐ што оди заедно со признавање на државата, границите, националната и јазична припадност. Новата методологија на преговори на бугарската влада и премиерот Петков и поддршката на Брисел, Берлин, Париз и Вашингтон може лесно да падне во вода ако ја нема и поддршката дома. Тоа може да се прими со големо олеснување во Софија и не само таму. Нам во тој случај ќе ни останат темите кој колку е виновен за нереализираните стратегиски државни интереси и кој колку е заслужен за спречување на предавствата и за спасување идентитетските посебности и славното минато како што беше тоа случај пред распадот на Југославија. Затоа, средбата меѓу Ковачевски и Мицкоски е од исклучително значење, ако ништо друго ставовите по овие прашања кој за што е ќе ја одреди и одговорноста за иднината на Македонија.

 

Извор: Дојче веле

[sc name=”dw” ][/sc]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот