Додека едни молат за канти за отпадоци, други ги палат

Во време кога на големо се зборува за зачувување на животната средина, и симболично се одржуваат акции за чистење, жителите на Ѓорче Петров немаат каде да го фрлат џебниот отпад. За еколошките проблеми на Општината, Слободен печат пишуваше пред два месеца, при посетата на новинарската екипа на големата депонија во Ново село, по што следуваа и протести на граѓаните кои се најзасегнати од овој проблем.

По интензивно настојување, успеавме да добиеме одговор од локалната власт дека депонијата ќе се чисти следната година, а истиот став денеска го потврди и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

– Ние депонијата во Ново Село, ја лоциравме уште пред да започнат протестите на граѓаните. Во Буџетот за следната година имаме предвидено средства за расчистување на депонијата, рече Шилегов, додека директорот на ЈП Комунална хигиена ги повика и градоначалниците да ги чистат и одржуваат локалните депонии.

Меѓутоа, депониите не се едиствениот еколошки проблем во Ѓорче Петров. Граѓаните веќе подолго време ја повикуваат Општината или Градот да постават канти за отпадоци на главните сообраќајници, и на автобуските станици.

„Живееме на само неколку километри од центарот на градот, а локалната власт не третира како да сме останати во времето. Немаме ниту канти за отпадоци. Јас секогаш ако имам некое хартивче го ставам во ташна, па го фрлам или дома или кај што ќе најдам канта, ама другите не прават така. А, и не би требало да ги обвинуваме, бидејќи канти за отпадоци нема, рече Лилјана од Ново Село, која вчера беше на протестот во Ѓорче Петров.

Ја прашавме и Општината, дали е запозната со овој проблем, од каде што ни одговорија дека наскоро ќе бидат поставени канти за отпадоци.

– Општината побара и од Градот 100 нови корпи за отпадоци на главните улици, пред автобуските постојки, маркетите каде фрекфенцијата на луѓе е голема. Очекуваме наскоро позитивен одговор и нивно поставување, ни одговорија од Ѓорче Петров.

Додека пак, градоначалникот Шилегов вели дека со неодамнешната набавка на канти за отпадоци, опфатена била и оваа скопска општина, без да каже детали за интензитетот на поставување на кантите.

Додека едни молат за канти, други ги палат

И, додека граѓаните на Ѓорче Петров, буквално молат за да добијат канти за отпадоци, дел од останатите жители на Скопје немилосрдно ги палат кантите и контејнерите за отпадоци.

Само завчера беа запалени нови шест контејнери во Лисиче, а со нив вкупниот број на запалени контејнери изнесува сто. Каква е штетата од ваквите вандалски чинови го прашавме директорот на ЈП Комунална хигиена, Абдусамед Шабани.

Инцидентите во кои што беа запалени сто контејнери, на ЈП ’Комунална хигиена‘ му нанесоа финансиска штета во висина од 1,5 милиони денари. На нивно место веднаш се поставени нови контејнери, со цел да не се наруши хигиената во градот. Сепак, убаво ќе беше тие контејнери да се постават некаде каде што воопшто немаше, рече Шабани, и ги повика граѓаните да ги чуваат и да не ги оштетуваат контејнерите поставени на јавните површини за да се овозможи ефикасно одлагање на комуналниот отпад и да се одржува јавната хигиена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот