Додека Алијансата за Албанците бара пакет-понуда со функции, Ковачевски го убедува Гаши да не замине од Владата

Фото: Влада на РСМ

Додека претседателот на Алијанса за Албанците (АА) Арбен Таравари в петок очекува понуда од премиерот Димитар Ковачевски и првичен договор за распределба на ресорите за влез на АА во Владата, Ковачевски допрва треба да го убедува владиниот партнер Африм Гаши, лидерот на Алтернатива, да го отстапи ресорот здравство, но и да остане во владиното мнозинство. Алтернатива како компромис ќе му понуди на Ковачевски да понуди нов министер за здравство, најверојатно во потпретседателот на Собранието, ревматологот Хусни Исмаили. Во спротивно, ќе излезе од Владата.

Според информациите на „Слободен печат“, најдоцна до понеделник ќе се знае дали АА ќе биде новиот владин партнер, но и дали Алтернатива ќе замине од „Илинденска“ по што се очекува собраниската седница за реконструкција на Владата.

Висок функционер од Алијанса брифира дека очекуваат до петок да добијат понуда од Ковачевски за кадровските решенија. Алијанса бара во пакет да бидат затворени сите позиции од министри до директори и веќе до понеделник да се знае дали ќе има договор за проширување на владиното мнозинство. Притоа, од АА велат дека ресорот здравство може да биде компромисот за Алтернатива да остане во власта.

„Ако врвен програмски приоритет ни е борба против корупцијата и криминалот и за тоа преземеме одговорност, тогаш во пакет треба да се решат сите позиции што ги добиваме, односно дека Алијанса ќе партиципира на битни места и во МВР, УЈП, Царина, инспекторати. Во спротивно, ќе останеме во опозиција“, вели функционерот.

Интересно е дека Таравари го информирал Ковачевски дека ако не успеат да се договорат, Алијанса останува во опозиција и шест месеци ќе дава поддршка како малцинска влада.

Алијанса остава на Ковачевски да ги изменаџира односите со владините партнери, особено со Алтернатива.

Најтесното раководство на Алтернатива синоќа требаше да се позиционира и да излезе со свои предлози откако Ковачевски и Таравари програмски се усогласиле „90 отсто“. Потпретседателот на Собранието Хусни Исмаили за „Слободен печат“ изјави дека на партискиот состанок очекува да се разговара за евентуалниот влез на АА во Владата, претседателот Гаши да информира за разговорите со премиерот и дали ќе се официјализира идејата Гаши да понуди компромис за ресорот здравство поради незадоволството на Ковачевски од министерот Беким Сали. Компромисот би бил Алтернатива да го задржи министерството, но да го смени Сали, а на негово место да дојде Исмаили.

„Засега тоа е само идеја. Вечерва ќе видиме дали таа идеја ќе биде опција на Алтернатива“, ни изјави Исмаили.

Тој не сака да прејудицира дали би прифатил да биде предложен за нов министер за здравство.

„Не сум размислувал. Тоа е голема обврска. Знам, бидејќи бев министер за култура. Ресорот здравство е огромен. Ќе размислам ако понудата е сериозна“, вели Исмаили.

Од Алтернатива не коментираат дали како можен компромис партијата и официјално ќе излезе со понуда да го задржат министерството за здравство со нов министер.

„Партиските органи на Алтернатива уште не зазеле конечен став во врска со актуелниот развој на политичката ситуација во Северна Македонија. Кога тоа ќе се случи, граѓаните веднаш ќе бидат информирани за сите одлуки од наша страна“, велат од Алтернатива.

Висок функционер од партијата на Гаши вели дека тоа ќе биде понудата за компромис и дека доколку Ковачевски ја одбие, ќе излезат од Владата.

Ковачевски по средбата со Таравари, а пред средбата на Извршниот одбор (ИО) на партијата изјави дека имале состаноци со Алтернатива и дека во наредните денови ќе се одржат и нови за евентуален влез на АА во Владата. Иако ИО на СДСМ даде зелено светло да продолжат разговорите за можно проширување на владиното мнозинство, останува отворено како Ковачевски ќе го убеди Гаши да се збогува од „здравство“ и да остане во Влада.

Отворена била дилемата со влезот на Алијанса впечаток во јавноста е дека се „албанизира“ Владата. На ова Ковачевски повторил дека ќе се задржи етничкиот баланс во Владата, најверојатно со рокада на ресори меѓу СДСМ и ДУИ. СДСМ настојува и Алтернатива да отстапи ресор, бидејќи не може со тројца пратеници да има три министерства, што би значело репреговарање на договорот за влез на Алтернатива во Владата.

Интенцијата е Алтернатива да остане на „Илинденска“, во спротивно ќе се наруши коалицискиот капацитет на СДСМ со партиите на Албанците, бидејќи впечатокот ќе биде дека социјалдемократите секоја година бркаат по еден владин партнер. За евентуалниот предлог за компромис на Алтернатива да го задржат „здравство“ со нов министер, коментарите од СДСМ се дека не се работи за министерот, туку за ресорот.

Тупанчевски: Брзата промена на министри не е најдобро решение

Во Министерството за правда не постои никаква оптовареност во однос на најавената можност дека токму тој ресор ќе биде дел од реконструкцијата заради влез на Алијансата за Албанците во Владата, изјави министерот за правда Никола Тупанчевски. Тој смета и дека не е сигурен оти брзата промена на министри може да резултира со позитивни поместувања.

– Апсолутно, јас како министер, но и Министерството за правда, не сме оптоварени од ваквиот развој на настаните. Брзата промена на министри не сум сигурен дека претставува најдобро решение, но дефинитивно не зависи сè од Министерството за правда – рече Тупанчевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот