Додаток на плата ќе се исплаќа по локалните избори, велат од Владата

Влада на РСМ / Фото Слободен печат/ Драган Митрески

До овој момент не е извршена никаква исплата согласно Уредбата за додаток на плата со оглед на тоа што се распишани локалните избори и таа ќе се реализира по завршувањето на изборите кога и ќе се финализира кои лица ќе добијат додаток на плата, соопшти владината прес-служба. Владата на 95-тата седница на 5 август донесе Уредба за начинот и критериумите врз основа на кои може да се исплати додаток на плата до максимум 30 отсто од редовната плата за дел од вработените од централните институции на извршната власт.

Прес-службата на Владата во соопштение денеска појаснува дека измените и дополнувањето на Законот за извршување на Буџетот за 2021 година стапија во  сила на 5 август и затоа тогаш се донесе Уредбата. Законот беше влезен во собраниска процедура на 8 јуни, но беше изгласан на 28 јули 2021 година.

– Согласно Уредбата, правото на додаток на плата до 30 отсто од редовната плата можат да го остварат вработените заради специфичност на работите и работните задачи и зголемен обем на работа, како и постигнување на исклучителни резултати во служењето на јавниот интерес и ефикасното извршување на своите надлежности. Додаток на плата можат да добијат најмногу 30 отсто од вкупниот број вработени во институцијата, при што исплатата нема да биде за оние вработени кои имаат право на додаток на плата со посебен закон и/или колективен договор. Наведуваме дека предметната Уредба нема да предизвика дополнителни фискални импликации, од причина што додатоците на плата за вработените ќе бидат утврдени согласно тековните буџетски можности, се наведува во соопштението.

Со Измените и дополнувањата на Законот за извршување на Буџетот за 2021 година е регулирано дека додатокот на плата ќе се исплаќа доколку во Буџетот има обезбедено средства за оваа намена.

– Исто така, и во самата Уредба е наведено дека додатокот на плата може да се исплаќа и во помал износ од 30 отсто, во зависност од обезбедените средства во буџетскиот корисник. Тоа значи дека исплатата на додатокот на плата и неговата висина е во зависност од фискалниот простор и слободните средства кои му стојат на располагање на буџетскиот корисник, наведува владината прес-служба.

Нагласува и дека Владата високо ги цени работничките права и се води од тоа дека треба да има принцип на награди, доколку работникот извршил зголемен број работни задачи по обем и квалитет. Исто како што има и принцип на казни доколку не се извршени работните задачи.

– Владата ги води економските политики комплементарно со поддршка на приватниот сектор, системско подигање на прагот на минимална плата од година во година и со фокус на работничките права, се додава во владиното соопштение.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот