Доцни исплатата на наградите од Охридскиот маратон: Пливачите си ги бараат парите

Неколкумина странски пливачи, учесници на Охридскиот маратон 2019, тврдат дека се уште не им се исплатени парите од наградниот фонд што ги заслужиле со пласманот на трката, над два месеци по одржување на настанот. Охридскиот маратон годинава се пливаше на 24 август. Наградниот фонд на трката изнесуваше 15.000 долари.

Повеќето од пливачите се револтирани поради доцнењето на исплатата на нивните награди, реагирале во Светската пливачка организација ФИНА и се надеваат дека тоа што поскоро ќе биде сторено.

– Сите ние ги немаме примено парите од наградниот фонд. Не знам зошто, се надевам дека македонската федерација ќе ни плати. Го контактиравме г-н Маленко и тој рече дека парите ќе ни бидат исплатени за неколку дена. Ја контактиравме и ФИНА, а таму не знаеја ништо. Времето на исплата не е проблем, затоа што во некои трки, ФИНА или ЛЕН или локалните федерации плаќаат по неколку месеци. Но загрижени сме затоа што некои луѓе од Македонија ни рекоа дека Федерацијата нема пари. Не е потребно да го наведувам списокот на пливачи, затоа што сите пливачи не ги добиле освоените пари. Ние би сакале да дознаеме дали и кога ќе ни бидат исплатени парите и да не одиме против Македонската федерација – ни објасни италијанскиот пливач Андреа Бјанки, кој на Охридскиот маратон годинава беше шестопласиран. Тој ја искажа својата загриженост.

– Загрижени сме затоа што македонската федерација организира три ЛЕН (Европската пливачка организација) и ФИНА трки и рекоа дека парите ќе ни бидат исплатени за три дена. Но наместо тоа ниеден пливач нема добиено пари од наградниот фонд од овие трки. Замнам дека има десетмина италијански пливачи кои чекаат на своите пари – додаде Бјанки. Покрај ОМ 2019, во Македонија летово се одржаа и две меѓународни трки на 10 километри, едната под капата на ФИНА, а другата под ЛЕН.

Реагира и Италијанката Аличе Франко, победничка на ОМ во женска конкуренција.

– Се уште ги немам добиено парите од наградниот фонд и тоа е апсолутно лошо. Трката беше пред два месеци – вели Франко. Нејзиното мислење го дели и второпласираната во трката, Аргентинката Ерика Јенсен.

– Ниеден од аргентинските пливачи нема добиено награди од Охридскиот маратон. Контактирав со некои други пливачи кои исто така немаат добиено пари. Единствен одговор од федерацијата е дека парите ќе пристигнат наскоро, да бидеме без грижа. Мислам дека ФИНА не е информирана за ова, а ако е, треба да преземе нешто – изјави Јенсен.

Слични информации добивме уште од неколку пливачи. Охридскиот пливачки маратин се смета за најугледниот меѓународен спортски натпревар во Македонија, а покровител е претседателот на Македонија. Годинашното беше 33 издание на ОМ. Победник беше Французинот Аксел Рејмонд, второпласиран Евгениј Поп Ацев, а трет Франческо Гетини. Третоплласирана кај жените беше Пилар Хеихо од Аргентина.

ПФСМ ќе објасни

Александар Маленко, претседател на Пливачката федерација на Северна Македонија (ПФСМ), запрашан околу доцнењето на исплатите од наградниот фонд на ОМ, најави дека наскоро од оваа организација ќе добиеме официјално сопштение со објаснување за оваа тема.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот