Добрососедството и соработката меѓу двете земји на пиедестал

Димитар Ковачевски и Кирил Петков
Димитар Ковачевски и Кирил Петков / Фото: Влада на Република Северна Македонија

По неколкумесечниот застој ќе се зајакне активноста на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања, која во наредните четири месеци ќе одржи три официјални средби, а во меѓувреме ќе има разговори и консултации.

Успешна е втората заедничка седница на македонската и бугарската влада, добрососедството ќе биде на пиедестал и ќе се посветиме на работите што беа заборавени во последните години, порачаа вчера премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков по средбата на двете влади во Софија, на која беа потпишани три меморандуми за соработка – за земјоделство, за мали и средни претпријатија и за железничката линија Скопје-Софија. Ова е втора висока средба со позитивен исход во рок од само седум дена, откако претходно Петков на 18 јануари официјално го посети Скопје, што е посериозно приближување на Македонија и Бугарија по блокадите што Софија ги испорача во Брисел на сметка на македонските европреговори.

Она што беше особено потенцирано е дека по неколкумесечниот застој ќе се зајакне активноста на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања, која во наредните четири месеци ќе одржи три официјални средби, а во меѓувреме ќе има разговори и консултации. Составот на комисијата нема да биде сменет.

Засега повеќе економија, помалку политика

Двајцата премиери и на втората средба останаа фокусирани на економската соработка меѓу двете земји наместо на отворените политички прашања. Премиерот Ковачевски рече дека за политичките прашања зборувале и на средбата во Скопје и на состаноците во Софија, но во Софија повеќе се разговарало за темите што ги покриваат работните групи, а кои работат на конкретни проекти во своите области.

Премиерите нагласија дека министерствата за надворешни работи во полн капацитет работат на отворените политички прашања и во моментот кога ќе се приближат ставовите за некое од нив, јавноста навремено ќе биде известена. На средбата во минатиот вторник во Скопје беше надминато едно од бугарските политички барања „пет плус еден“ кое се однесуваше на употребата на краткото и долгото име на нашата земја, односно дека Република Северна Македонија значи исто што и Северна Македонија и не е територијална претензија кон Бугарија.

– На средбата во Скопје отворивме нов процес на дијалог. Работните групи се формирани и водени од министрите, што ја покажува политичката волја и вклученост за овој процес да се води напред, но во нив ќе бидат вклучени и оние од реалниот сектор и стопанските комори, од образовните институции. Со ова сакаме да придвижиме еден процес, со кој сакаме да покажеме дека две соседни земји секогаш можат да додадат вредност, за државите и за граѓаните што живеат во нив – рече Ковачевски на заедничката прес-конференција со Петков.

Во врска со мерливите критериуми за успешност на дијалогот, не само за работните групи туку и за политичките прашања, премиерот Ковачевски изјави дека за него критериум за успешност е ако идната недела веќе оператори од Софија дојдат во Скопје или обратно за да разговараат за економски најодржливата авиолинија, која би почнала со летови од 1 март. Критериум за успешност во инфраструктурата, додаде, е ако до 2023 година се изградат 13 километри од патот до граничниот премин Клепало и тој се отвори.

– За политичките прашања успешен критериум е доколку успееме низ разговор на сите овие комисии, нормално низ еден политички дијалог на владите, да постигнеме договор и во догледен период да имаме прва меѓувладина конференција со Европската Унија – рече македонскиот премиер.

За тоа дали правата на Бугарите во Македонија ќе се сметаат за критериум, Ковачевски истакна дека има различни типови устави, а во Уставот на Македонија индивидуалните права се остваруваат колективно. Впишување на бугарското малцинство во Уставот е процес на уставни измени што се одвива во повеќе фази и во кој се вклучени повеќе институции.

– Ако тоа се случи, а нормално дека такво нешто се случува на патот на една држава кон ЕУ, бидејќи тогаш се отвора Уставот со цел и други адаптирања да се направат, тогаш низ тој процес секако дека ќе бидат опфатени и тие прашања, врз основа на барањата на граѓаните – изјави премиерот Ковачевски.

Ковачевски: Резултати за шест месеци

Работните групи за билатерална соработка вчера одржаа одделни состаноци. Од прес-службата на македонската влада информираат дека на првиот состанок групите ја договориле динамиката на работа, како и заедничката основа врз која ќе разменуваат добри практики и искуства, со цел да се интензивира директната соработка. По седницата и заедничката прес-конференција со Петков, премиерот Ковачевски на својот Фејсбук оцени дека веќе за шест месеци може да се очекуваат конкретни резултати од работните групи.

– Започнуваме со реализација на проекти од интерес на граѓаните на двете земји. Ваквата соработка ќе значи зближување на двете држави и конкретни придобивки за поквалитетен живот на нашите граѓани. Очекувам веќе за шест месеци во сите области да покажеме конкретни резултати – напиша меѓу другото Ковачевски.

Тој додава дека средбите со Петков и министрите од двете влади, го увериле дека постои волја кај двете страни за брз напредок во меѓусебните односи.

– Јас и Кирил сме нови премиери и имаме одговорност, но и силна желба да успееме во оваа наша амбиција. Силно верувам дека ова ново поглавје во односите меѓу нашите две пријателски земји ќе донесе напредок, развој и долгорочни придобивки за двата народа – додаде тој.

Ковачевски вчера попладне требаше да има средба и со бугарскиот претседател Румен Радев.

ВМРО-ДПМНЕ ги бара одговорите на „пет плус еден“

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ инсистира на транспарентност во разговорите со Бугарија и вчера повторно го повикаа министерот за надворешни работи Бујар Османи да реферира во Собранието за преговорите со официјална Софија. Пратеникот Антонијо Милошоски, кој е претседател на Комисијата за надворешна политика, вчера писмено побара Османи да дојде пред Комисијата и да ги достави одговорите  што македонската страна ги испратила до Софија за планот „пет плус еден“.

Во писменото барање се предлага седницата да биде отворена за јавноста и да се одржи што е можно поскоро, од 26 јануари до 15 февруари годинава.

– Ова го бараме затоа што сметаме дека не е транспарентно и не е демократски доколку пратениците во софиското Собрание го знаат она што македонските пратеници не го знаат. Македонската јавност има право преку претставниците во Законодавниот дом да дознае за што се работи. Дали има нешто да се крие или има нешто да се разговара со сите пратеници – изјави вчера Милошоски.

Повеќе од 60 отсто од Бугарите сметаат дека ветото треба да се тргне

Во анкетата што ја објави „Галуп интернешнл Балкан“, 60,8 отсто од испитаните бугарски граѓани сметаат дека Македонија треба да ги почне преговорите за членството во ЕУ, но под услов да се спроведе Договорот за добрососедство. Од анкетираните 5,3 отсто сметаат дека нивната земја во никој случај не треба да ја поддржи Македонија да стане членка на ЕУ, а 7,6 отсто одговориле дека Бугарија треба да ја поддржи Македонија за членство во Унијата без никакви услови. Преостанатите 16,3 отсто не дале одговор, пренесуваат медиуми во Софија.

Слични резултати има и анкетата што пред две недели ја објави Бугарската национална телевизија, а ја спроведе агенцијата „Алфа рисрч“. Тогаш 60,9 отсто од испитаниците се изјаснија за поддршка на земјава за влез во ЕУ, но прашањето беше поставено во малку поинаков формат: „Ако се остават настрана спорните прашања, каков е интересот на нашата земја за членство на С Македонија во ЕУ?“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот