Добри и лоши вести во оставката на Заев

Зоран Заев
Зоран Заев / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Локалните избори во Македонија, а уште повеќе оставката на Зоран Заев од премиерското и од лидерското место во СДСМ, станаа вест за сите регионални медиуми, како и на коментари и прогнози за она што може да се очекува после нив.

Некои аналитичари потсетуваат дека ваква оставка е преседан на македонската политичка сцена, а не е честа појава и во регионални рамки. Политичкиот аналитичар Флоријан Бибер, добар познавач на балканските околности, вели дека во оставката на Заев „има една добра и две лоши вести“.

„Добрата вест е да се даде оставка без да се има потреба за тоа, претставува редок чекор на политичка храброст и покажува дека преземањето политичка одговорност е можно. Лошата вест е дека опозицијата е нереконструирана, националистичка и про-Орбан“ – смета Бибер.

Бибер исто така оценува дека оставката на Заев се должи на сопствените грешки на СДСМ. Причините за ваквата ситуација со оставката на Заев од челната позиција на СДСМ и од премиерската функција, се во застојот во реформскиот процес и лошо водената кампања, но и поради неуспехот на Европската Унија да испорача почеток на преговори поради бугарската блокада, напиша Бибер на Твитер.

Според него, исто така, нема јасен наследник на премиерската позиција и не се знае дали тој ќе може да креира „рестарт“ на сериозен реформски процес.

Јасмин Мујановиќ, професор доктор од Универзитетот Јорк во Торонто, политички аналитичар на меѓународните односи во земјите од Југоисточна Европа, смета дека оставката на Заев има посебно значење, но дека не е добар знак.

„Заминувањето на Зоран Заев значи крај на една кратка ера на политички прогрес на Западен Балкан. Јас опширно пишував за значењето на Шарената револуција и во мојата книга предупредив дека ако ‘демократските револти’ од средината на 2010-та пропаднат, обновата на автократијата ќе ги обнови конфликтите“, напиша на „Твитер“ Мујановиќ, кој е автор на книгата  „Глад и бес: Кризата на демократијата на Балканот“.

Македонскиот новинар и колумнист  Љупчо Поповски оценува дека најголем губитник на овие избори е СДСМ, но и поразот на ДУИ во Тетово не е занемарлив. Тој смета дека политичките противници се затекнати од оставката на Заев, иако тој ја најави помеѓу двата круга.

– Сепак, втор голем губитник на овие избори е Алијанса за Албанците, која ја изигра улогата на понтонски мост за ВМРО-ДПМНЕ. Ситуацијата сега не е едноставна за решавање. Опозицијата не очекуваше дека Заев ќе си достои на зборот за оставката што ќе им оставеше време да се преструктуираат. Но, Заев беше решителен и ги изненади – рече Поповски во настап на „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ.

Поповски ја коментира македонската ситуација по локалните избори во контекст на проблемот на евроинтеграциите на земјава и блокадата од Бугарија.

– Не знам дали е можно да се најде решение за наш влез во ЕУ до крајот на годинава и покрај напорите на САД. Според мене, не може. Ова ја става Бугарија во победничка ситуација – коментира Поповски.

Александар Спасеновски, поранешен пратеник, а сега професор на Правниот факултет, смета дека резултатот на изборите во вториот круг е очекуван и голем успех на опозицијата, а оставката на Заев ја внесува земјата во нова неизвесност.

– Најголем дел од граѓаните очекуваа по изборите крај на кризата и на поларизацијата што владееше, но очигледно нема да биде така, политичката криза ќе продолжи – или ќе имаме рекомпонирање на мнозинството, или нова влада од сегашното мнозинство или предвремени избори – рече Спасеновски.

Поранешниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев вели дека го очекувал овој резултат, а смета дека оставка на Заев не е ништо ново ниту особено.

– Оставката на Зоран Заев, и начинот на кој го направи тоа, не е чекор кон подобра политичка култура. Ова не е нешто ново, оставки по избори поднесувале и многу други лидери. Апелирам до СДСМ ова да не заврши со неприфаќање на оставката – рече Ѓорчев за „Утрински брифинг“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот