Добре дојдовте во Албанија – со шведски поздрав среде Македонија
Дали само шведскиот оператор Теле2 или и други големи европски мобилни оператори праќаат пораки и ги информираат своите претплатници дека пристигнале во Албанија, додека сè уште патуваат низ Македонија и дури ни со најсилен дурбин не би можеле да ги видат контурите на граничниот премин кон соседната земја.
Добре дојдовте во Албанија! Ваква СМС-порака добив на мојот телефон минатата недела на автопатот кон Охрид, пратена од Теле2, втор по големина мобилен оператор во Шведска, каде што сум претплатник. Но, пораката не ја добив на граничниот премин Ќафасан, бидејќи воопшто не ни бев во Албанија, туку во тој момент се наоѓав длабоко во Македонија, во автобус со учесниците на Струшките вечери на поезијата, под Кичево, на десетина километри над Требеништа, што значи на околу четириесетина километри оддалеченост од албанската граница.
СМС-пораката на Теле2 се појави како поздрав од Шведска, токму кога автобусот минуваше крај цела серија висококренати албански државни знамиња, на јарболи и бандери во селата од двете страни на патот, при што, во една таква доминантна иконографија за „означување“ на територијата и етничката припадност, може да се забележи сè и сешто, па дури и понекоја слика на Трамп.
Како е можно и на што се должи тоа што еден од најмодерните европски оператори на мобилна мрежа испраќа ваков вид пораки на своите претплатници, и притоа да направи толку голема утка, длабоко внатре на територијата на една европска земја со јасно означени и меѓународно признати државни граници?
Се обративме до Теле2 со такво прашање, очекувајќи објаснување, и прашувајќи едновремено дали можеби и од спротивната страна на границата, односно на територијата на Албанија, нивните претплатници добиваат пораки со кои им се посакува „Добре дојдовте во Северна Македонија“, на толку голема оддалеченост пред граничниот премин.
Или, на пример, во Австрија и во Германија, длабоко во зоната на безграничното движење во ЕУ. Дали автоматска СМС-порака за условите за роаминг, проследена со поздрав „Добре дојдовте во Германија“, ќе ја добиете на автопатот веќе откако сте го поминале австрискиот Линц во насока кон граничниот премин Пасау, што ќе ви внесе можна конфузија дека повторно се случил некаков „Аншлус“, бидејќи граничниот премин повеќе не постои, нема никакви запирања.
Но, се разбира, тоа нема да се случи. Мобилниот оператор ќе ве извести дека сте ја напуштиле Австрија откако ќе ги поминете таблите крај автопатот што ја означуваат границата со Сојузна Република Германија. Тоа што повеќе нема задолжително запирање и колони возила на граничните премини за пасошка и царинска контрола, не значи дека меѓудржавната граница е „избришана“, или можеби „поместена“. Истото се случува на сите гранични премини во ЕУ, на пример меѓу Чешка и Словачка, Унгарија и Романија, или меѓу Словенија и Италија. Автоматски испратените мобилни пораки често можат и да иритираат, бидејќи на целата територија на ЕУ со години наназад важат правилата за бесплатен роаминг, но од друга страна можат да имаат и практично значење, бидејќи ве информираат дека преминувате од една во друга земја.
За оние што можеби тоа не го знаат, мобилните оператори во Европа се обврзани да ви пратат автоматска порака, СМС, кога патувате во друга земја, непосредно при влезот на територијата на извесна земја, со информации за условите што важат за роаминг. На пример, мора да добивате информации за дигиталниот капацитет и за евентуалните дополнителни трошоци. Треба да добиете и информации за бесплатниот број на кој можете да се јавите доколку сакате да добиете повеќе информации за роамингот, како и информации за кои можете бесплатно да се јавите на бројот за итни случаи 112. Според важечката практика, мора да добивате соодветни информации за цените и тарифите за телефонски повици и испраќање СМС-пораки и кога патувате во друга земја надвор од ЕУ, вклучувајќи ги и земјите од Западен Балкан.
Но, кога сме веќе кај оваа проблематика, вреди да се укаже дека, иако надоместоците за роаминг за бесплатни повици и користење на интернетот се укинати во ЕУ уште од 2017 година, често се предупредува дека корисниците на услугите на мобилните мрежи треба да бидат внимателни. Особено во меѓуграничните подрачја во земјите во непосредното соседство на ЕУ, бидејќи постои ризик неочекувано да бидете приклучени на некоја мобилна мрежа за која не важат условите за слободен роаминг. Тоа е смислата со праќање бесплатни СМС-пораки на мобилните оператори до своите претплатници за да ве предупредат и информираат какви услови и цени важат за користење на мобилните услуги како во ЕУ-членките, така и во други европски земји.
Сосема е јасно дека една таква автоматски добиена СМС-порака може секому да му биде од полза, за да се информира какви услови за роаминг важат, во нашиот случај, во Албанија. Но, се разбира, доколку патува и се наоѓа во близина на граничниот премин кон таа земја. Не во Кичево или кај Требеништа, кои немаат никаква врска и територијален допир со Албанија.
Ефектот, значи, овде е целосно спротивен, и може само да предизвика иритираност. Во секој случај, по нашето обраќање до дирекцијата на Теле2 во Стокхолм, како и што однапред очекувавме, добивме само куртоазен одговор дека можеме да се обратиме до сервисната служба преку нивниот чат, и притоа да добиете можност да комуницирате со некој продавач или експерт за продукти. Директен контакт со високопозиционирани личности во раководството на компанијата едноставно не е можен за обичните претплатници. На веб-страницата на Теле2 не се ни наведени никакви телефонски броеви и имејл-адреси од дирекцијата. Токму затоа, нашето прашање веројатно ќе остане без одговор.
Но, дали е само Теле2 во прашање, или и други големи европски мобилни оператори испраќаат пораки и ги информираат своите претплатници дека пристигнале во Албанија, додека сѐ уште патуваат низ Македонија и дури ни со најсилен дурбин не би можеле да ги видат контурите на граничниот премин кон соседната земја.
И покрај безграничниот и беспасошки режим на слободно движење во ЕУ, неповредливоста на државните граници на земјите-членки и понатаму се третира како „светиња“ и врвен императив на територијалната и националната сувереност и посебност. Постои ли каква било рационална причина Македонија да биде изложена на поинаков третман во овој контекст? За македонското МНР ова прашање би можело, и би требало, да биде предизвик.
(Авторот е новинар)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“