Добрата страна на пандeмијата: Не ти работам ни за тие пари ни прекувремено

unsplash работа од дома
Работа од дома / Фото: Архива на Слободен печат

Милиони работници ги напуштаат работните места кои нудат предолго работно време и ниски плати – и за многумина ова ослободување предизвика воодушевување, пишува Гардијан.

Едно утро во октомври, Лин се разбуди и одлучи дека ќе даде отказ нејзината работа на лице место тој ден. Одлуката да даде отказ беше кулминација на пресметката што започна на почетокот на пандемијата, кога за прв пат беше отпуштена од работно место на кое беше три години.

-Отсекогаш сум имала став дека сум навистина трудољубива работничка“, вели Лин, објаснувајќи дека верувала оти поради нејзините вештини таа е неопходна за компанијата за која работеа. -Тоа навистина се промени кога сфатив дека можеш колку сакаш да се чувствуваш способен и навистина важен, а во суштина си потрошен материјал.

Неколку месеци откако беше отпуштена, Лин се вработува во друга компанија во Масачусетс. По една година во компанијата, работата почнува да ѝ станува бесконечен круг на стресови. Оваа компанија започнала процес на укинување на нејзиниот оддел и се обидувала да ѝ ја намали платата.

-Само имав потреба да си заминам, вели таа за Гардијан.

Лин е само една од милионите Американци кои доживеале тектонска промена во нивниот поглед кон работата за време на пандемијата. Во септември, 4,4 милиони луѓе – повеќе од населението на Орегон – ги напуштиле своите работни места. Огласите за отворени работни места надминаа 10 милиони од почетокот на летото. Работниците сега тивко штрајкуваат и зборуваат за нивните работни услови на интернет, особено на популарната субредит r/Antiwork, група која има над милион членови.

Еден корисник на Редит напиша: „Можеби немам здравствено осигурување, но се чувствувам толку слободен!“

Милиони Американци долго време се исцрпени од суровите работни услови – долго работно време, ниски плати и мала флексибилност – а многумина, особено оние кои се сметаа за „суштинскиработници“, се преморени од пандемијата.

-Луѓето велат дека се систематски недоволно платени, добиваат смешно низок дел од вредноста што ја произведуваат во текот на денот. Тие го работат најголемиот дел од работата, а сепак се третирани лошо и добиваат плата од која не можат да живеат, вели Кети Викс, вонреден професор по женски студии на Универзитетот Дјук и автор на „Проблемот со работата: феминизам, марксизам“.

Пандемијата беше сламката што ѝ го скрши грбот на камилата. Работата може да биде повеќе од средство за постигнување на целта и може длабоко да нѐ исполни како човечки суштества. Работата каква што ја знаеме е модерен изум, производ на Индустриската револуција. Револуцијата го одвои работниот од домашниот живот и оформи посебен дел од животот на луѓето. Додека користа за општеството беше огромна, таа исто така ја направи работата доминантен фактор во нашите животи, при што луѓето работеа над 70 часа и имаа помалку слободни денови.

Напредокот на почетокот на 20 век бил дефиниран преку повисоки плати и пократко работно време. Значајни економисти предвидуваа дека овој тренд ќе продолжи и луѓето ќе работат помалку. Познатиот економист Џон Мејнард Кејнс предвиде дека до 2030 година, луѓето ќе работат 15-часовни работни недели.

Но, наместо тоа, останавме заглавени во истата 40-часовна работна недела што произлезе од Големата депресија. Зошто не отстапивме од 40-часовната работна недела, и покрај тоа што технологијата ги направи работниците многу попродуктивни, е прашање на кое се уште се бара одговор.

Дури и пред пандемијата, реалноста за многу милениумци беше дека тие финансиски ќе стојат полошо од нивните родители, ќе имаат помалку богатство од претходните генерации, најмногу поради зголемената цена на домувањето и студентскиот долг.

Оваа реалност создаде разочарување од работата кај младите Американци кое било забележливо и пред пандемијата, но исто така се влоши од неа.

„Искуството да не се биде на работа ги разбуди луѓето“, вели професор Бенџамин Ханикат од Универзитетот во Ајова. „Има и други работи што треба да се направат – има прошетки во паркот, има живот надвор од работата за кој [луѓето] не размислувале порано“.

Компаниите ја сфатија намалената толеранција на работните места – особено оние со долго работно време и со лоши услови – и покажаа дека се подготвени да спроведат некаква промена. Десетици компании најавија дека ќе им дозволат на своите вработени да работат од далечина на неодредено време. Некои компании експериментираат со четиридневни работни недели, за што некои тврдат дека не влијае на продуктивноста а го зголемува задоволството на вработените.

Во секој случај, сега компаниите, а не работниците се во „небрано“.

Видео на денот