Добитници на „Греми“ инспирирани од поезијата на Никола Маџиров: Песната „Окото“, дојде како непредвидливо затворање на еден круг

youtube
printskrin/jutjub

Песната „Окото“ на нашиот врвен поет Никола Маџиров доби соодветна музичка мелодија „The Eye“ во изведба на Бека Стивенс заедно со „The Secret Trio“, каде воедно е член и нашиот музичар Исмаил Лумановски.

Ова е прв сингл од албумот што треба да се појави оваа есен. Бека Стивенс е номинирана за „Греми“ награди. Автор на музиката е Мајкл Лиг, основачот на групата „Snarky Puppy“ што веќе добила неколку „Греми“ награди, меѓу кои и годинашната за најдобар инструментален албум.

Стивенс која се појавува и како ко-автор на песната е позната по своите џез-поп-рок соработки со групата „Snarky Puppy“, со Дејвид Корзби, како и со музичкиот гениј на модерното време Џејкоб Колиер, кој исто така доби „Греми“ признание за најдобар инструментален аранжман.

Бека Стивенс на сајтот на британското списание „Modern Poetry in Translation“ напиша дека ја нашла песната „Окото“ во препев на англиски јазик, и како што спомна во еден разговор, стиховите природно се вклопиле во сентиментот, бојата и атмосферата на мелодијата на Мајкл Лиг, којашто ѝ ја испратил пред извесно време“, раскажа Никола Маџиров за „Умно.мк“.

Стихови на Маџиров и порано инспирираа музичари низ светот како што е американскиот џез музичар Оливер Лејк кој воедно е соработник на Бјорк и Лу Рид. Истото се случи и со италијанскиот композир на класична музика Анџело Инглезе во изведба на Благој Нацоски. Џез пијанистот Горан Спасовски се инспирираше од стиховите од песната „Надвор од времето“ за неговиот актуелен албум „Light Pillar“.

„Лу Рид компонираше врз стихови на Едгар Алан По, Хектор Зазу со Дејвид Силвијан ги оживуваа стиховите на Рембо, а Филип Глас ја компонираше „Книгата на копнежот“ врз зборовите и гласот на Леонард Коен. Во македонскиот фолклор речиси и да не постои граница помеѓу стихот и музиката и затоа тие се слеваат во еден збор — песна. Преведувањето поезија, во битот на македонскиот јазик е препејување, односно да се испее стихот одново. Книгата не го завршува својот живот меѓу кориците или со дебелиот прав врз нив. Тие стануваат нечие сеќавање или животен глас, или музика, филм, слика… Така, и сликите можат да избегаaт надвор од рамките на ѕидот и да влезат во стихови или филм. Сергеј Ејзенштајн ја учеше монтажата токму од сликовната динамика на источните идеограми и поетски форми, како што е хаикуто. Композиторот Арво Парт нотите ги гледа обликувани како солзи, а во источните идеограми солзата односно плачот се претставени како сликовна симбиоза на вода и око. Така верувам дека песната „Окото“, односно The Eye, дојде како непредвидливо затворање на еден круг на слични сензибилитети и азбуки на размислувањето“, истакна Маџиров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот