Добија пехар и чек, пари не видоа!

фото: Далибор Јовановски со нереализираниот договор за награда

Екипата победник на турнирот во мал фудбал „Скопје 2018“ што се одржа лани во Ново Лисиче веќе една година ја чека наградата за првопласираниот од 160.000 денари и никако да ја добие и по многу ветувања, дадени меѓу другото и од градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин.

Ова го тврди Далибор Јовановски (30), фудбалер што настапи за победничката екипа „Компанија Атанасовски“ и кој е разочаран што по многуте ветувања и интревенции тој и неговите колеги од победничкиот тим се уште не можат да си ја земат заслужената награда.

Градоначалникот на Аеродром Златко Марин тврди дека парите се на сметката на општината, но постојат административни пречки сврзани со организаторот на турнирот, здружението „Ново Лисиче 2012 КБС“, поради кои екипата не може да си ја добие наградата.

На договорот за доделување награда со кој се потврдува дека споменатата екипа треба да добие 160.000 денари, како потписник стои организаторот на турнирот, здружението за организирање спортски настани „Ново Лисиче 2012 КБС“.

На најавата за турнирот стои името на организаторот „Ново Лисиче 2012 КБС“, а Општина Аеродром е наведена како покровител.

– Општина Аеродром стои зад овој турнир. Имавме разговор со градоначалникот Марин на крајот на април годинава и тој ни вети дека наградата ќе ни биде исплатена најдоцна за еден месец. Но помина тој месец и повеќе, а се уште не го добивме она што го освоивме. Не знам каде веќе да се обратиме – вели Јовановски. Тој вели дека неколкупати зборувал и со Ванѓел Милевски, претседател на Здружението – организатор, но ни тие разговори не вродиле со резултат. По една година чекање и ветувања, ништо од наградата.

Општина Аеродром: Парите се кај нас, постои пречка да ги исплатиме

Според градоначалникот Марин, проблемот е административен, сврзан со „Ново Лисиче 2012 КБС“.

– Парите за награди ние ги имаме, но поради административни пречки не можеме да ги исплатиме. Имено, законските прописи велат дека наградите мораат да бидат исплатени преку здружението „Ново Лисиче 2012 КБС“ кое е организатор и затоа не можеме директно да им ги доделиме на победниците. Тоа здружение не е регистрирано за вршење дејност спорт како што мора да биде, за да ни биде дозволено да му ги префрлиме парите од наградите. Ова го заклучивме по консултации со Министерството за правда и Агенцијата за млади и спорт. Се додека ова здружение не се регистрира за вршење дејност спорт, не можеме да ги доделиме наградите. Штом тоа ќе биде сторено, ќе ги доделиме наградите, кои победниците ги заслужуваат. Во буџетот имаме предвидени и средства за награди и за турнирот годинава – вели Марин. Не успеавме да добиеме одговор од Милевски, претседателот на „Ново Лисиче 2012 КБС“, кога и дали проблемот со регистрацијата ќе биде надминат и зошто досега ова не било сторено.

Јовановски: Лошо е за репутацијата на турнирот

Јовановски смета дека е многу лошо за репутацијата на турнирот кој има неколкугодишна традиција, на овој начин да се третираат победниците, а и сите други што заслужиле награди.

– Во екипата сите сме многу разочарани. Ова ни е прва поголема награда и бевме многу среќни кога го освоивме првото место. Но радоста се претвори во огорченост – вели Јовановски. На турнирот лани учествувале 32 екипи вели Далибор и сите платиле котизација за учество од 5.000 денари. Наградниот фонд ветен на стартот на турнирот бил 300.000 денари.

Турнирот лани се одржа по седми пат, во спортскиот центар „Ново Лисиче“. Победникот „Компанија Атанасовски“ во финалето го совлада „Маг Логистик“ со 3-0. Третото место го осви тимот на „ТК Лока фер плеј“. Победникот доби 160.000 денари, второпласираниот 80.000 денари, а третопласираниот 40.000 денари, објавија медиумите. Но Јовановски, кој беше прогласен и за најдобар играч на турнирот, тврди дека сите добитници – пари се уште не виделе.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот