Добар познавач на македонско-вермонтските односи

Срѓан Ивановиќ / Фото: Слободен печат

Нема Македонец кој не знае каде е славната држава Вермонт и какви се врските меѓу посочената американска држава и нашата Македонија. Добро, да бидам искрен дека за Вермонт знаев колку и за вермут, сè додека нашата министерска за одбрана Радмила Шекеринска не ни раскажа за „нераскинливите“ врски меѓу двете држави, по завршувањето на нејзината дипломатска турнеја низ Соединетите Американски Држави.

Според тоа што успеав го прочитам во медиумите, министерката остварила повеќе средби со претставниците на Пентагон, на Стејт департментот, како и со неколку истакнати функционери од администрацијата на претседателот Џо Бајден, како што е секретарот за одбрана Лојд Остин, но самата Шекеринска открива дека сето тоа ќе било за џабе, доколку на крајот од посетата не била организирана посета на сојузната држава Вермонт.

– Посетата на Вермонт беше круна на престојот во САД, со што заокруживме една многу успешна посета – ќе изјави министерката, само неколку минути по историскиот разговор со заменичката на гувернерот на Вермонт, Моли Греј.

Дека навистина се работи за историски настан, нè увери и командантот на Националната гарда на Вермонт, Грегори Најт, кој по „само“ година и пол од нашето полноправно членство во Северноатлантската алијанса ни го честиташе приемот во НАТО.

А потоа следуваше и навистина фрапирачка канонада од факти на нашата министерка, која рафално ја истакна блискоста на Скопје и Брлинтон.

– Горди сме на нашето партнерство со Вермонт. Приближно 5.000 војници од Македонија досега биле дел од програмите за соработка. Тоа е неверојатно, тоа е повеќе од 50 проценти од вкупниот број на нашите вооружени сили. Нема војник од Македонија кој не знае за Вермонт – додаде Шеќеринска.

Врските со Вермонт очигледно е дека ни се нераскинливи и просто човек да се зачуди како тоа во земјава немаме барем еден „добар познавач на македонско-вермонтските односи“ за редовни анализи по медиумите.

ОК, време е да се намали со сарказмот и да се излезе од вермонтската бајка, за да се види што всушност се случува. Министерката не е претседател и премиер, па нејзината посета на САД е најблаго речено од второстепено значење за нејзините домаќини. Логично е тоа што највисокиот претставник на американската власт со кого остварила средба е секретарот за одбрана и дека останатото време било потрошено на „испивање кафе“ со потсекретари, заменици, заменици на заменици и амбициозни референти. И кога последниот ден предвиден за службениот пат, претпоставувам дека згаснале сите надежи за прием во Белата куќа, „свитата“ на министерката скршнала за Вермонт, што е нели „круната на престојот во САД“. Во известувањето до јавноста недостасуваше само фактот дека Вермонт не е суверена држава и дека никакви безбедносни договори со Македонија не се возможни, а да прашате било кого, ќе ви каже и дека не се потребни.

Можеби, Вермонт е место во кое Македонците се почитувани, слично како и при прекланската посетата на американскиот носач на авиони, кога истата министерка изјави дека во чест на македонската делегација било истакнато македонското знаме. Не е воопшто битно што знамето беше на Западна Вирџинија или на можеби таа другата Вирџинија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот