Доаѓа идиократија, да бидеме спремни
Ако покажуваш премногу разум или ако се буниш за сеприсутната неразумност, тогаш си непожелен кочничар на развојот на идиократските вредности, отпадник од темелните принципи на партократијата и клептократијата, преодните фази накај идеалното уредување кон кое се стремиме – владеењето на неразумот.
Филмот „Идиократија“ („Idiocracy“) на режисерот Мајкл Џаџ од 2006 година нема посебна уметничка или занаетска вредност. Тоа е научнофантастична комедија за еден просечен Американец од денешнината, кој одеднаш се наоѓа во 2505 година, во дистописко општество на заглупавени луѓе, одамна претворени во „испрани“ потрошувачи со кои владеат најглупавите и најнасилните, поставени од корпорациите. Главниот лик има проблем затоа што, доаѓајќи од нашето време, е премногу разумен и чесен за идниот свет. Сепак, на крајот само тој е доволно умен за да го спаси од еколошки колапс човештвото, закржлавено до работ на давење во сопствената глупавост. Идејата, пораката на „Idiocracy“ и неговата остра сатира го прават посебен – филмот гласно предупредува за насоката во која се движиме како цивилизација.
Последниве години може не поминува ни ден, а да не ми се наметне застрашувачката помисла дека во Македонија веќе е на програмата овој филм, а ние сме принудени да го живееме. И нашата „држава“, нашето општество е одлично како идеја, но филмот што го живееме не чини – дијалозите се плитки, хуморот, кога го има, е како од „Хихирику“, драмата најчесто или предвидлива или неверојатна, а глумата – очајна. Идејата била убава, дури и благородна, ама сценариото за нашиот филм многу го прекројувале, му додавале и го крателе разноразни неталентирани, неписмени драматурзи и режисери, на кои само им било важно „нивниот“ лик да преживее до крајот и да испадне спасител.
Може и затоа што се гласни и наметливи, постојано ми се чини како глупавите да победуваат и да освојуваат сѐ повеќе од општествениот простор. Како сѐ поодлучно да завладуваат правилата и манирите на најпростите, најалчните и најбесрамните.
Да си разумен и чесен човек во Македонија денес е фактичка, реална слабост. Ти си дел од угнетено, дискриминирано малцинство што го нема во Уставот. Твоите права на разумен живот не ги брани никој. Партиите и нивните корпоративни спонзори, чиишто интереси ги застапуваат, си скроиле систем во кој тие се апсолутни владетели со општеството. Од големото државно виме, предност за цицање секогаш имаат членовите на партиите, ревносните гласачи. Во тој систем послушноста, заедно со амбициозната алчност, се меѓу основните, врвни вредности. Ако слушаш и гласаш, не ти треба многу повеќе – ќе добиеш од трошките. Ако си послушен онаму каде што треба, а доволно спремен да газиш по луѓе и принципи за некаков личен ќар, ако само се нафаќаш да те стават на некоја позиција, ти им вредиш повеќе на семоќните партии и можеш да добиеш повеќе од нив.
Посветени идиократи, кои дошле до функции, пари и моќ на овој начин, гледаме секој ден и насекаде – такви има и директори на училишта, пратеници и шефови во министерства, но и „бизнисмени“ и локални криминални шерифи. Заедничко им е тоа што се глупави (немаат многу разум и образ), а до заби се вооружени со сила и овластувања што им ги дала државата, односно партијата.
Ако си чесен и разумен, ако ги почитуваш законите и плаќаш навреме тоа што должиш, системот те третира како овца што мора да оди на редовно стрижење под будното око на кучињата чувари на стадото. Може да ти ги пуштат во секој момент, ако покажуваш премногу разум или ако се буниш за сеприсутната неразумност. Тогаш си непожелен кочничар на развојот на идиократските вредности, отпадник од темелните принципи на партократијата и клептократијата, преодните фази накај идеалното уредување кон кое се стремиме – владеењето на неразумот.
Што може да прави во ваква ситуација еден припадник на разумното малцинство во изумирање? Не многу – само да ја отфрли отровната максима „попаметниот попушта“, да се подготвува и прилагодува, но и да ги предупредува другите разумни дека е добро да се спремаат: идиократијата незадржливо доаѓа, а борбата ќе биде долга и неизвесна.