Доаѓа глобално „сребрено цунами“: Водечките светски лекари предупредуваат на епидемија на рак кај постари пациенти

Фото: Принтскрин/Nara.getarchive

Светот мора итно да се подготви за глобално „цунами“ од милиони постари пациенти заболени од рак или постои голем ризик здравствените системи да не можат да се справат со луѓето на кои им е неопходна посебна нега, предупредија водечките лекари, пишува „Гардијан“.

„Со зголемувањето на очекуваниот животен век и брзиот пораст на популацијата на постари луѓе, порастот на постарите пациенти со рак сега претставува „сериозна загриженост за јавното здравје““, се наведува во извештајот на Американското здружение за клиничка онкологија (АСКО).

Како што објаснија експертите, центрите за рак мора да се подготват за „сребрено онколошко цунами“.

„Како што населението се шири и инциденцата се повеќе расте, дали навистина сме подготвени да се соочиме со тие потреби? Мислам дека глобално не сме подготвени“, рекол д-р Ендрју Чепман, директор на Центарот за рак Сидни Кимел-Џеферсон и специјалист за геријатриска онкологија на годишниот состанок на АСКО во Чикаго, најголемата светска конференција за рак.

Постарата возраст е добро утврден фактор на ризик за рак, но недоволно е препознаена важноста од вклучување на постарите лица кога е во прашање дијагнозата, негата и лекувањето на ракот.

„Знаеме дека ракот е болест која е поврзана со стареењето и постојат низа биолошки механизми зошто е тоа така. Она што често се пропушта е дека целите, желбите, потребите, преференциите и проблемите на постарите луѓе се многу различни од просечниот возрасен човек“, рекол Чепмен.

Како што објаснил д-р Чепмен, понекогаш постои „нихилизам“ во здравството, што значи „ако си постар, нема да се трудиме“, а тоа не е во ред.

„Постарите пациенти често даваат приоритет на одржувањето на својата независност наместо да бараат третман, бидејќи им е важно да можат да ги извршуваат активностите како што се возење, дружење со семејството и хоби. Ако на постар пациент му дадете третман кој може да му одземе време кое би го искористил за правање некои други работи, можеби нема ни да го сака. Тоа е многу поразлично размислување од некој кој има 45 години и сака да живее уште 40 години“,  рекол Чепмен.

Д-р Џули Гралоу, главна медицинска директорка и извршна потпретседателка на АСКО, рекла дека здравствените системи треба да дејствуваат веднаш за да не бидат преплавени од драматичниот пораст на постарите пациенти со рак.

„До 2040 година се очекува да бидат забележани 27,5 милиони нови случаи на рак и 16,3 милиони смртни случаи од рак само поради растот и стареењето на населението“, објаснила извршната потпретседателка на АСКО.

Според проценките на Меѓународната агенција за истражување на рак (ИАРК), во 2018 година имало 17 милиони нови случаи на рак и 9,5 милиони смртни случаи од оваа болест ширум светот.

Во САД, Националниот институт за рак предвидува дека до 2040 година, речиси три четвртини (73 отсто) од луѓето кои живеат со рак ќе бидат постари од 65 години.

Во Велика Британија, бројот на луѓе со дијагноза на рак ќе се зголеми за една третина до 2040 година, што значи дека за првпат бројот на нови случаи ќе се зголеми од 384.000 на 506.000 секоја година. Според анализата на британскиот Канцер рисрч најпогодени од ова ќе бидат токму луѓето на возраст од 70 и повеќе години.

Говорејќи во Чикаго, професорот Чарлс Свантон рекол дека поголема е веројатноста постарите пациенти да земаат лекови и за други болести, што го прави лекувањето на ракот покомплицирано, а вистинското прашање е „како здравствениот систем ќе се справи со тоа? Ова е голема грижа кога станува збор за планирањето на работната сила. Ако имаме работа со 30 отсто повеќе дијагнози за рак, а тие дијагнози за карцином се посложени, ќе бидат потребни најмалку 30 отсто повеќе онколози, хирурзи и патолози за лекарите да се справат со тоа“.

Каролин Абрахам, директорка на добротворната организација Ејџ ОК, рекла дека веќе сега многу постари пациенти „чекаат подолго отколку што би сакале“ за лекување.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот