До Управниот суд пристигнаа 75 тужби од Алијансата за Албанците, Сејдини не ја исклучува можноста судот да биде блокиран

Гласање на предвремени парламентарни избори 2020 / 15 јули 2020 / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Сејдини посочува дека во Управниот суд сè е организирано и дека се направени сите напори во законски рок судот да ги донесе одлуките, но под услов доколку нема сериозни обиди да се блокираат институциите.

Од Управниот суд за „Слободен печат“, потврдија дека до нив пристигнале 75 тужби од Алијансата за Албанците. Во тек е нивно заведување. Претходно партијата Интегра поднесе една тужба. Се очекуваат и најавените две тужби од ВМРО-ДПМНЕ и од Левица која најави дека ќе поднесе приговори за сите што Државната изборна комисија, ги одби.

ДИК вкупно одби 2.142 приговори со образложение дека нема докази за повреда на избирачкиот процес.

Претседателот на Управниот суд, Бурим Сејдини смета дека доколку нема сериозни обиди за блокада на судот ќе успеат навреме да ги решат сите тужби кои ќе пристигнат до нив. Тој сепак не ја исклучува можноста Управниот суд да биде блокиран бидејќи согласно Изборниот законик предвидено е одржување на јавните расправи на која подносителот на тужбата има право на збор.

-Се надеваме дека истото нема да биде злоупотребено, туку ќе биде во функција на подобро разјаснување на фактичката состојба. Не тврдам дека Управниот суд би се блокирал бидејќи ги направивме сите неопходни чекори за сè да биде навремено. Но, доколку дојде до некоректно искористување на правото на збор во јавната расправа, особено ако е точно како што се најавува во медиумите дека би пристигнале 2.000 тужби, рокот од 60 часови би се пробил. Една наша симулација покажува дека доколку до нас стигнат 2.000 тужби и за секоја од нив има јавна расправа само од пет минути, тогаш ние веќе имаме ситуација за која ќе ни требаат 10.000 минути, вели Сејдини.

Сејдини посочува дека во Управниот суд сè е организирано и дека се направени сите напори во законски рок судот да ги донесе одлуките, но под услов доколку нема сериозни обиди да се блокираат институциите.

ВМРО ДПМНЕ бараше рачно пребројување на сите гласачки ливчиња, но барањето едногласно беше одбиено од ДИК со образложение дека гласачките ливчиња веќе биле рачно преброени од избирчаките одбори.

Од Алијансата велат дека иако немаат доверба во Управниот суд, бидејќи судовите ги конторлирала ДУИ, сепак поднесоа 75 тужби со кои тврдат дека има кражба на гласови. За ваквите обвинувања претседателот на Управниот суд Сејдини вели дека Управниот суд во досегашното работење покажал капацитет на силни одлуки во одреден временски период од своето работење.

-Апсолутно не би сакал да ги коментирам размислувањата на подносителите на листите, меѓутоа тврдам дека сè се прави за да се донесат одлуки согласно Изборниот законик. Ние мораме да градиме доверба во институциите, во нашиот капацитет за да можеме како држава да успееме на патот кој сите го трасираме а тоа е Европската унија, вели Сејдини.

Левица до ДИК поднесе речиси 2000 приговори но повеќе од половината беа без печати.
Димитар Апасиев на фб напиша дека овојпат тужбите до Управен суд ќе бидат со печат.

Со хаштази на постот „ве насанкавме“ и „урбанагерила“, Апасиев најавува филибастеринг односно долга расправа за неговите приговори.

За ваквиот пост на Апасиев, поранешниот сопартиец Бранимир Јовановиќ на фб напиша:

„Ако мислите среде најголемата криза која ја познаваме да блокирате институции и правите циркуси за да добиете внимание, вие не сте за политика, туку за “риалити шоу”.
Управниот суд има рок од 60 часа да одговори на сите тужби, по што ДИК ќе треба да ги соопшти конечните резултати од изборите одржани на 15 јули“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот