До три години затвор за напад или закана кон новинар

Министерството за правда во соработка со новинарските здруженија го менува Кривичниот законик. Со измените, нападот и заканата врз новинар ќе се третираат како напад врз службено лице. За имплементацијата, потребно ќе биде да се работи со судиите и со обвинителите.

Владата до Собранието најдоцна за две недели ќе предложи измени на Кривичниот законик со кои нападот и заканата кон новинар ќе се третираат како напад и закана врз службено лице. Ваквата измена претставува долгогодишна заложба на еснафските здруженија, кои по енормниот број закани и напади врз новинарите остануваа со врзани раце поради тоа што беа принудени правдата да ја бараат преку приватни и скапи неефективни судски парници. Од Министерството за правда, за „Слободен печат“ брифираат дека главната промена што ќе се однесува на изменетиот Кривичен законик, освен новинарот, ќе ги опфаќа и снимателот, фоторепортерот и возачот, односно целата екипа што следи одреден настан.

Со измените на Кривичниот законик се предвидуваат казни затвор до 3 години за секој сторител што ќе нападне или ќе му се закани на новинар или медиумски работник додека тој ја врши својата дејност, во секој случај освен ако не станува збор за тешки повреди или убиство, што ќе се санкционираат според тековниот Кривичен законик.

Новитетот е во тоа што Обвинителството ќе дејствува по службена должност при напад и закана. Нема да биде важно на кое место е упатена заканата за да се гони сторителот по службена должност. Еднакво ќе се третираат заканите со физичко присуство и оние на социјалните мрежи. „Закана е закана“, велат од Министерството за правда и додаваат дека за ова дело извршено врз новинар или медиумски работник, предвидената затворска казна ќе биде шест месеци.

Претседателот на Здружението на новинари Младен Чадиковски, за „Слободен печат“ вели дека измените се одлична работа и дека на нив со новинарскиот синдикат и Министерството за правда се работи подолго време.

– Очекуваме во најскоро време да бидат изгласани. На ваков начин се добива поголема заштита на новинарите. Знаеме дека нападите врз новинарите во последниот период се зголемени и се надеваме дека ова ќе ги обесхрабри оние што се закануваат и физички напаѓаат новинари, зашто целата постапка за гонење на таквите насилници ќе биде олеснета – вели Чадиковски.

Досега новинарите што трпеа закани и напади, мораа по приватна тужба да ги гонат сторителите и да се влечкаат по судови. Со новитетите во Кривичниот законик, новинарот само ќе треба да го пријави настанот во полиција, а потоа Обвинителството по службена должност ќе отвори предмет и ќе постапува по него. Измените ќе бидат изгласани на владина седница во наредните денови, по што овие одредби ќе се најдат во Законодавниот дом, каде се очекува да бидат изгласани за две недели. Ова требаше да се случи уште во мај, меѓутоа процесот се пролонгираше.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници од 2017 година лобира и застапува промена во регулативата, односно во Кривичниот законик, за подобрување на безбедноста на новинарите.

– За нас е важна оваа промена бидејќи сметаме дека така ќе се подобри процентот на решени случаи на напади врз новинари и медиумски работници, а со тоа ќе се зголеми и нивната безбедност. До сега тоа не беше случај. Занемарлив број на случаи на напади беше процесуиран од надлежните институции поради повеќе фактори. Еден од тие е што најголем број од ваквите напади се процесиураа по приватна тужба, а ретко на нападнатите медиумски работници имаат ресурси, време и слично да го тераат процесот до крај дури и со помошта на новинарските организации. Се надеваме дека со новите измени, институциите поревносно ќе си ја вршат работата, бидејќи безбедни новинари значи и пообјективно и професиолно новинарство – вели Дарко Дуридански од Новинарскиот синдикат за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот