До Собранието никако да стасаат, ниту оставката, ниту Груевски

Никола Груевски оставка си поднесе само на Фејсбук. Од собраниските служби информираат дека до Собранието се уште ништо не е доставено.

Инаку Груевски во саботата на социјалните мрежи објави дека ќе си поднесе оставка од пратеничката фунција, откако претходно Комисијата за мандатно-имунитетни прашања објави дека е донесена предлог-одлука за одземање на неговиот пратенички мандат бидејќи шест месеци е неоправдано отсутен од работата на Собранието.

„Иако правото, Уставот и меѓународните документи се на моја страна, јас нема да дозволам нашата партија и пратеници заради мене и мојот мандат да бидат изложени на било какви притисоци, на лажна пропаганда, на непријатности и на медиумски линч од страна на власта и нејзините апологети. Не сакам понатаму ниту да дадам можност на СДСМ користејќи ја оваа тема да ги избегнува дебатите за суштинските теми и проблеми кои го засегаат народот и да ги задскрива своите криминални политики. Оттука, одлучив да се повлечам од пратеничката функција а за истото формално правно парламентот ќе го известам во наредните денови“, напиша Груевски пред пет дена.

На прашањето дали оставката која не е лично поднесена ќе биде земена предвид, од кабинетот на собранискиот спикер Талат Џафери велат дека однапред не може да кажат, ќе почекаат да видат што и како ќе достави Груевски.

Одговор на прашањето кога и како ќе ја достави оставката се обидовме преку Фејбук да добиеме од Груевски. На поставеното прашање немаше одговор.

Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, реагираше дека Груевски мора оставката да ја поднесе лично, бидејќи така пропишува член 65 од Уставот.

Во член 65 пишува: „Пратеникот може да поднесе оставка. Пратеникот оставката ја поднесува лично на седница на Собранието. На пратеникот му престанува мандатот кога е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години. На пратеникот може да му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци. Одземањето на мандатот го утврдува Собранието двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници“.

Едно е сигурно, дека Груевски нема да се појави во Собрнието, бидејќи ако влезе во државата ќе биде спроведен во затвор каде треба да одлежи две години.

За вторник, пак, на дневен ред на пленарна седница е предлог-одлуката на Комисијата за одземање на мандатот на Груевски. За оваа одлука да биде донесена треба за да гласаат 80 пратеници. Премиерот Зоран Заев рече дека нема да се преговара со пратениците за ова, туку остава секој да гласа по сопствено убедување.

Досега имаше еден обид за одземање на мандатот на Груевски, но тој пропадна бидејќи не доби поддршка од доволен број на пратеници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот