До септември скопјани ќе добијат реконструирана Универзална сала

Фото Слободен печат/ Драган Митрески

Во мај ќе започнат градежните работи за реконструкција на Универзална сала, а очекувањата се дека до септември салата ќе биде реконструирана. Според најавите на градоначалникот Петре Шилегов, објектот и покрај реконструкцијата ќе го задржи сегашниот изглед.

– Од буџетот се издвоени 120 милиони денари. Универзална беше, е и очигледно останува омилена културна институција на многумина скопјани. За мене тоа е доволна причина и мотив за повторно отворање на нејзините врати. Ќе биде реконструирана во постојниот габарит задржувајќи го својот автентичен изглед. Идејата да ја сочуваме во постојната форма и локација дојде по опсежна и отворена дебата и недвосмислено изразување на волјата на јавноста. Наш приоритет е да ја отвориме оваа сала во нејзиниот полн капацитет во текот на оваа година. На 8 март ќе ја примиме донацијата на изведбениот проект, со што ќе има услови за распишување на тендерската постапка и во текот на мај очекувам да почнат градежните активности, рече Шилегов.

На прашањето на Слободен печат дали ќе се најде решение за паркирање на возилата, во деновите кога ќе се одржуваат манифестации во Универзалната сала, Шилегов рече дека граѓаните ќе можат да ја користат катната гаража која што е во непосредна близина на салата.

Даталите за текот на градбата ги соопшти архитектот Бујар Муча од архитектонското биро „Мегарон“.

– Реконструкцијата ќе се одвива во две фази. Во првата фаза ќе се опфати надворешната реконструкција на Универзалната сала, а во втората фаза ќе биде внатрешното уредување. Предвидено е да има и намалување на бројот на седишта, а според планот капацитетот би бил од 1 100 до 1 200 седишта, рече Муча.

Премиерот Зоран Заев кој присуствуваше на презентацијата на новиот проект за реконструкцијата на Универзална сала со јавноста сподели дека за реконструкцијата Владата издвоила 120 милиони денари.

-Иако сум струмичанец, се радувам за обновата на Универзална сала.Универзална сала во времето кога е изградена ја пренесе пораката во постземјотресно Скопје дека животот мора да продолжи. Денес, во услови на пандемијата, која започнуваме со нејзината обнова, Универзална сала повторно ја носи истата порака дека животот мора да продолжи. Уште еднаш солидарноста доаѓа до израз. Архитектот Муча и неговото архитектонско биро го отстапија идејниот проект за реконструкција на Универзална сала како донација. Откако ќе заврши тендерот за изведувачките работи, се предвидува почеток на реконструкцијата во мај. Гласот на граѓаните е слушнат и прифатен. Таа ќе биде реконструирана со постојниот изглед и габари, рече Заев.

Шилегов денеска рече дека Градската администрација не се откажала од одлуката во Скопје да се изгради нова концертна сала.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот