До крај неизвесно: Ќе се градат ли сепак жировничките мали хидроцентрали во НП Маврово?

Мали хидроцентрали/ Фото: Слободен печат/Архива

Владата пред Нова Година му ги продолжи договорите до 2023 година на концесионерот на мали хидроцентрали „Хидроген Енерџи груп“ за изградба на две МХЕЦ во зона на строга заштита во Националниот Парк Маврово, но, иако деновиве се потпишуваат анексите на договорите со концесионерот, неизвесно е дали тие сепак ќе се градат. Се работи за двете хидроцентрали над селото Жировница, познати како Жировница 5 и 6, на кои пред две години Општина Маврово Ростуше им ја укина дозволата за градба по бурните реакции на локалното население, кое протестираше поради опасноста селото да остане без вода за пиење.

„Ставот на нашето население е непроменето уште од 2019 – ние сме против изградбата на хидроцентралите на реката која поминува низ нашето село и нема да дозволиме тие да се изградат“, вели Аднан Салиу, претседател на месната заедница во селото Жировница.

Жителите на ова реканско село тогаш се спротиставија на изградбата, а беа поддржани и од граѓански здруженија за заштита на животната средина.

Концесиските договори се продолжени откако комисијата за надзор на Министерството за животна средина дала мислење дека концесионерот не бил во можност за започне со градежни активности поради, како што се наведува, попречувањето од населението, а потоа одобренијата за градба на двете мали ХЕЦ се поништени од страна на Општина Маврово и Ростуше поради истечен рок за градба. Ова е, инаку, вторпат, откако во 2015 година ги доби двете концесии, на „Хидроген Енерџи Груп“ да му се продолжуваат концесиските договори за изградба на хидроцентрали на Жировничка река.

Спомнувајќи го токму случајот со малите хидроцентрали во Жировница, премиерот Зоран Заев во февруари годинава на прес-конференција кажа дека локацијата на хидроцентралите е пред селото, пред системите за водоснабдување и дека тоа може да создаде проблем.

„Никој нема проблем да бидат после селото, на истекот на реката. Но некој да не ја утврдил потребата дека тоа го загрозува водоснабдувањето на селото Жировница, навистина е проблем“, рече тогаш Заев и додаде дека „самите податоци веројатно ќе донесат причини пред Владата да понесеме буџетски реперкусии, да плати казни за раскин на договорите, но нема поважно од здравјето на граѓаните“.

Во програмата на Владата е наведено дека нема да се издаваат дозволи за нови мали хидроцентрали во заштитените подрачја. Дел од локациите на жировничките хидроцентрали се сместени во зона на строга заштита во рамките на Националниот парк Маврово.

– Ние му објаснивме на Премиерот дека постои незадоволство кај локалното население и дека ние стоиме позади она што го бара народот, и тој потоа ја даде таа изјава. Но, ние работиме според закон и не можеме да одбиеме некого ако нема правен основ за тоа, вели Медат Куртовски, градоначалник на Општина Маврово Ростуше.

До Општината, која е надлежна да издаде градежна дозвола за изградба на хидроцентралите, се уште не стасало никакво известување за продолжување на концесиските договори.

– Во фаза на подготовка на документација сме, а потоа ќе аплицираме за издавање на одобренијата за градба во Општината, вели Невенка Таврајковска, надлежна за проектот на жировничките хидроцентрали, на концесионерот, Хидроген Енерџи Груп.

„Хидроген енерџи груп“ е фирма формирана од конзорциум од две компании: „Хидроенерџи груп“ и „Фероивест“, во која еден од сопствениците е Кочо Анѓушев. Во 2019 година Општината ги укина одобренијата за градба откако концесионерот не почна со изградба во зададениот рок.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот