До кога изборните активности за партиите ќе бидат само обични партиски?

Зоран Заев, Христијан Мицкоски / Фото: Слободен печат, колаж

Се промовираат партиски слогани, платформи, ребрендирања, „излетуваат“ имиња на кандидати за градоначалници. Граѓаните пак, секојдневно „налетуваат“ на партиските каравани во своите општини. Дали почна изборната кампања? Од ДИК велат „не“, бидејќи кампaња се смета се она што ќе се случува од моментот по распишување на изборите. Според Изборниот законик изборната кампања почнува 20 дена пред денот на изборите, со тоа што не смее да има кампања 24 часа пред денот и на самиот изборниот ден.

Се што деновиве гледаат граѓаните од партиското мени, се смета за редовна партиска активност, велат неофицијално во ДИК. Од таму додаваат дека партиите вешто ги користат „дупките“ во законите и токму поради тоа преку целата година се во кампања.

ДУИ истрча со „зелената агенда“, ВМРО-ДПМНЕ се ребрендираше во осум бои и со нов слоган „Македонија за сите граѓани“, СДСМ ги почна граѓанските трибини под мотото „Најдоброто за нашата општина“.

За партиите ваквата агресивна кампања, дури половина година пред локалните избори се „обични“ партиски активности, а не изборна кампања.

Од СДСМ велат, дека во моментот партијата е на терен за да детектира што е најдоброто за секоја општина, односно да се види што е досега и што во иднина треба да се сработи. Во моментот велат во партијата се прави анализа колку граѓаните се задоволни. Портпаролката на СДСМ Богданка Кузевска за Слободен печат вели, дека партиските активности се однесуваат повеќе на запознавање на терен и не претставуваат промоција за тие да бидат кампања.

– Не станува збор за изборна кампања. СДСМ е постојано на терен. И во изминатиот период имала слична форма на комуникација со граѓаните. Должни сме како партија на власт пред граѓаните да излеземе со отчет за сработеното. Овојпат овие средби се и како претходните, да ги слушнеме барањата на граѓаните, сугестиите се со цел да се избере најдоброто за секоја општина, вели Кузевска.

И од ВМРО-ДПМНЕ негираат дека се во изборна кампања. Според портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева, не само сега туку партијата е постојано на терен.

-Теренските активности во партијата никогаш не запираат со цел да ги слушнеме вистинските проблеми на граѓаните, а врз основа на тоа да понудиме реални решенија. Овие теренски активности ќе продолжат и во следниот период со уште позасилено темпо, но истите не претставуваат активности на предизборна кампања од причини што истата согласно изборниот законик е точно утврдена дека започнува 20 дена пред денот на изборите, вели Митева.

Граѓаните пак се жалат дека „преку глава“ им е постојано да слушаат за политичките активности на партиите било да се опозиција или власт. Се наметнува прашањето дали партиите ги прекршуваат човековите права со многубројните партиски активности дури половина година пред официјалниот старт на партиските кампањи. Според судијката за човекови права Маргарита Цаца Николовска во демократските општества, нормална појава е ваквото однесување бидејќи секој треба да може да го искаже своето мислење. Друго е што ние сме сведоци и на избори одбираме кого да казниме.

– Тенка е линијата меѓу изборна кампања и политички говор, бидејќи тој е постојано присутен меѓу нас. Тешко е да се утврди што е изборна кампања, а што е секојдневно политичко изразување, заради тоа што темите се такви со кои граѓаните се информираат. Дали тие се дел од изборна кампања и во нив има незаконитости како на пример говор на омраза, тоа треба да го реагираат инстиутциите во државата, обвинителство, судство, но и невладиниот сектор. Ние граѓаните сме само посматрачи бидејќи не можеме на политичарите да им забраниме да не зборуваат. Тоа е демократија, а во секоја демократија имате слобода на говор. Сепак граѓаните го имаат последниот збор и одбираат за кого да го дадат својот глас. Друго е прашањето што кај нашите политичари за жал допираат само изборните резултати, вели Цаца Николовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот